Ekipa
26 Март 2017•Ажурирај: 26 Март 2017
СОФИЈА (АА) - Во сенка на дебатите за корупција, социјалната неправда, популизмот и ксенофобијата во Бугарија, денес се одржуваат предвремени парламентарни избори во кои за вкупно 240 места во парламентот се натпреваруваат 13 политички партии, девет коалиции и 21 независни кандидати, јавува Anadolu Agency (AA).
Избирачките места низ цела Бугарија утрово беа отворени во 7 часот по локално време, а право на глас имаат 6,5 милиони регистрирани гласачи. Гласачките места се отворени и во 70 земји за бугарската дијаспора, вклучително и во Турција.
Затворањето на избирачките места се планирани во 20 часот, а се очекува излезност на околу 65 отсто од гласачите.
Изборниот процес се одвива во 31 изборна единица кои во зависност од бројот на жители даваат различен број на пратеници, а од Софија, како најголема единица, во парламентот влегуваат 16 пратеници.
Истражувањата велат дека ниту една политичка опција нема да добие натполовично мнозинство за самостојно формирање на влада, а прелиминарните резултати од изборите се очекуваат доцна вечерва.
Предизборните анкети им даваат подеднакви шанси на двете најсилни бугарски политички опции. Граѓани за развој на европска Бугарија (ГЕРБ), предводена од страна на поранешниот премиер Бојко Борисов, и Бугарската социјалистичка партија (БСП), која е наследник на поранешната Комунистичка партија на земјата, предводена од Корнелија Нинова.
Компанијата „ Алфа рисрч“ направи анкетно истражување кое предвидува дека партијата ГЕРБ има поддршка од 31 отсто од гласачите, додоека БСП ја поддржува 30 отсто од гласачкото тело.
Анкетите покажуваат десетпроцентна поддршка на бирачите за коалицијата „Обединети патриоти“, која води популистичка политика и во чии редови е и партијата АТАКА, позната по анти-исламизмот.
- Во Парламентот би можеле да влезат уште три политички партии -
Изненадување на парламентарните избори може да биде про-муслиманската и протурска партија „Демократи за одговорност, слобода и толеранција“ (ДОСТ) на чело со Љутви Местан. Тој претходно поради антируската реторика е исфрлен од партијата „Движење за права и слободи“, и заедно со уште петмина пратеници ја формираше новата партија ДОСТ.
Централната изборна комисија на Бугарија вчера, ден пред изборите, донесе одлука според која сите бугарски гласачи во земјите кои не се членки на Европската Унија мора своерачно пред гласањето да напишат молба со кирилско писмо. Оваа мерка веќе го забави изборниот процес, а особено на избирачките места во соседна Турција. Оваа мерка предизвика негодување кај дијаспората која на досегашните избори само пополнуваа краток формулар, а на бирачите кои не знаеја кирилица им помагаа редари од изборните места. Овој пат на избирачките места нема редари.