Zylfije Adem Jakupi
10 Декември 2022•Ажурирај: 11 Декември 2022
ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, соопшти дека ги одложила вонредните избори во четирите општини на северот на Косово, поради недостиг на безбедност за нивно одржување, јавува Агенција Анадолија (АА).
По консултациите со претставниците на политичките субјекти, Османи изјави дека нејзиниот предлог бил изборите да се одложат и дека со консензус е одлучено нивното одржување да се помести од 18 декември за април 2023 година, додека точниот датум ќе биде одреден вечерва или утре.
Османи рече дека одлуката ја донела врз основа на извештаите за ситуацијата што ги добила од безбедносните органи, Косовската полиција и Разузнавачката агенција на Косово.
Исто така рече и дека Централната изборна комисија синоќа заседавала зад затворени врати поради чувствителноста на материјалот за кој разговарала. И ЦИК ѝ го проследил својот извештај со барање да се земе предвид при донесувањето одлука во врска со одложувањето на изборите.
„Сите претставници на политичките партии се согласни дека најсвет е животот на нашите граѓани, кој по секоја цена треба да се обезбеди и заштити“, рече Османи.
Додаде дека и покрај тоа што Косовската полиција ги има потребните капацитети, маскирани банди успеале да ги исплашат граѓаните да не се чувствуваат слободни да гласаат, а тоа го докажува и откажувањето на некои пријавени кандидати за овие избори.
Истовремено, медиумите од северот на Косово пренесуваат дека Србите повторно со камиони ги блокирале патиштата во селото Рударе кај Звечан, главниот пат Митровица-Лепосавиќ, како и влезот во Лепосавиќ.
Во Северна Митровица и Звечан во последните денови се забележани инциденти поради подготовките за одржување на вонредните избори во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово, откако српските претставници ги напуштија косовските институции, вклучително и полицијата и судството, поради одлуката за регистарските таблички.