Zylfije Adem Jakupi
10 Декември 2022•Ажурирај: 11 Декември 2022
ПРИШТИНА (АА) – Во Северна Митровица, близу населбата „Три солитера“ синоќа одекна детонација, но од Косовската полиција потврдија дека експлозијата била предизвикана од пиротехнички средства, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-директорот на Косовската полиција за регионот Север, Бесим Хоти, за косовските медиуми потврди дека пиротехничките средства произвеле силен звук, но немало оштетување. „Нема опасност“, рече Хоти.
Во изминатите денови, на северот на Косово забележани се неколку експлозии предизвикани од пиротехнички средства, шок-бомби, рачни гранати, а имаше и истрели од огнено оружје.
Во четвртокот вечерта беше нападната полициска единица при патролирање во селото Србовац, Општина Звечан, кога полесно е повреден припадник на Косовската полиција. Косовската полиција соопшти дека нападот го извршиле вооружени лица со долго оружје од возило од типот ауди, сива боја, со регистарски таблички КМ. Нападот се случи откако Косовската полиција испрати полициско засилување на северот на Косово.
Вчера наутро се случи и напад на новинарската екипа на порталот Kallxo.com во Северна Митровица. Kallxo.com соопшти дека нивната екипа била нападната од маскирана група Срби, кај Техничкото училиште, во близина на мултиетничката населба Бошњачко Мало. Двајцата новинари успеале да побегнат неповредени.
Инциденти се забележани во последните денови поради подготовките за одржување на вонредни избори во четири општини со мнозинско српско население на северот на Косово, распишани за 18 декември, откако српските претставници ги напуштија косовските институции, вклучително и полицијата и судството, поради одлуката за регистарските таблички.