Zylfije Adem Jakupi
09 Декември 2022•Ажурирај: 10 Декември 2022
ПРИШТИНА (АА) - Полесно е повреден еден припадник на Косовската полиција во напад на полициска единица во северниот дел на Косово, известува Агенција Анадолија (АА).
„Нападот се случил синоќа околу 23 часот во селото Србовац, општина Звечан, додека полициските единици биле на редовна должност, во патрола“, соопшти Косовската полиција.
Се додава дека нападот го извршиле вооружени лица со долгоцевно оружје од автомобил од типот „ауди“ со сива боја, со регистарски таблички КМ.
„Во инцидентот полесно е повреден припадник на Косовската полиција, а на полициското возило причинета е значителна материјална штета“, се наведува во соопштението.
На самото место излегле надлежните полициски единици за да извршат увид, додека повредениот полицаец е префрлен во Универзитетскиот клинички центар „Косово“ за да му се укаже лекарска помош.
Нападот се случил истата вечер кога Косовската полиција испратила полициско засилување во северниот дел на Косово откако во последните денови се забележани повеќе инциденти поради подготовките за одржување вонредни избори во четири општини со српско мнозинство, закажани за 18 декември.
Вонредните избори за градоначалници во четири општини во северниот дел на Косово, со мнозинско српско население, Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, распишани се за 18 декември, откако српските претставници во косовската извршна власт, вклучувајќи ги тука полицијата и правосудството, ги напуштија косовските институции.