Stipe Majic
02 Октомври 2019•Ажурирај: 03 Октомври 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Актуелната претседателка на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, официјално ја објави својата кандидатура за претседателските избори на кои ќе излезе како кандидат на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), јавува Anadolu Agency (AA).
„Затоа што верувам во Хрватска“ е слоганот што кандидатката на ХДЗ и актуелна хрватска претседателка ќе го истакнува во нејзината кампања.
Во својот получасовен говор Грабар-Китаровиќ рече дека го започнала својот прв мандат со верба во потенцијалот на Хрватска и нејзиниот напредок кон најмоќните европски држави.
Таа рече дека за време на мандатот укажувала на општествените проблеми, отворала јавна расправа за нив и нудела свои решенија, и дека сега бара доверба за втор мандат.
Особено се заблагодари на ХДЗ, на Андреј Пленковиќ како претседател на ХДЗ и на членовите за силната поддршка за обезбедување на нејзиниот нов мандат.
„Претседателот мора да биде гарант на темелните начела и вредности на нашата демократска држава, секогаш над секојдневната политика“, рече Грабар-Китаровиќ.
Таа оцени дека Хрватска денес има највисок меѓународен углед од своето осамостојување и дека тоа треба да го искористи за раст на економијата и животниот стандард на хрватските граѓани.
Порача дека ќе продолжи да работи за безбедноста на хрватските граѓани, на државните граници и територии и ќе ја штити улогата на хрватската војска и полиција.
„Хрватска не е некоја мала земја, Хрватска не е регион, Хрватска е суверена држава која рамноправно разговара со сите други“, рече таа.
Кандидатура за претседателските избори во Република Хрватска, кои треба да се одржат во декември годинава, објавија околу 15 кандидати.
Покрај на Колинда Грабар-Китаровиќ, спроведените анкети им даваат најголеми шанси на кандидатот на СДП, Зоран Милановиќ, на независниот кандидат Мирослав Шкора, а своите кандидатури ги истакнаа и Анто Ѓапиќ, Влахо Орепиќ, Далија Орешковиќ и други.
За да влезе во кампања и во трка за претседател на Република Хрватска, секој од кандидатите треба да собере најмалку 10.000 потписи од хрватските граѓани.