Stipe Majic
31 Јули 2019•Ажурирај: 01 Август 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, изјави дека не ја дала спорната изјава за постоењето на милитантен ислам во Босна и Херцеговина и дека освен изјавите со претседателот на Израел, Ривлин, не давала никакви изјави за израелските медиуми, ниту разговарала со новинарите во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, демантираше дека во текот на својата службена посета на Израел дала спорна изјава за тамошниот медиум „Еусалим пост“ за постоење на милитентен ислам во соседна БиХ.
„Воопшто не знам како дошло до таа изјава бидејќи не разговарав со ниту еден новинар, не давав никакви интервјуа ниту други изјави освен на овие два преса“, изјави хрватската претседателка.
Таа го изјави тоа по бројните осудувачки реакции кои пристигнаа од соседна БиХ, но и од дел од политичката јавност во Хрватска.
„Со претседателот на Израел, Ривлин, разговарав во контекст на она што секогаш го зборувам за БиХ и нашите соседни држави, и што претежно го кажав на пресовите и пред средбата со претседателот Ривлин и со претседателот на Владата, Нетанјаху, а тоа е дека сакам сите наши соседни држави што е можно побрзо да ги видам во рамките на Европската Унија“, изјави Грабар-Китаровиќ.
На прашањето на новинарот да ги оцени жестоките коментари кои дојдоа од самиот политички врв на БиХ, таа изјави:
„Тоа се коментари на коментарите на една новинарка која го напиша тоа. Повторувам, не го кажав тоа, а овие жестоки реакции кои Хрватска ја споредуваат дури со фашизмот или со фашистичка држава ги отфрлам во потполност. Тоа е тотална глупост. Дојде време да се подразмисли за односите меѓу Хрватска и БиХ, бидејќи токму спротивно, во последно време гледаме низа чекори кои БиХ ги презема кон Хрватска, а кои се прилично агресивни. Од обвиненија за нелегална работа на нашите тајни служби до закани на правосудните тела кога станува збор за Пељешки мост“, изјави хрватската претседателка.
Хрватската претседателка смета дека би требало „да се разговара за соработката, како да се решаваат заканите, кои очигледно повторно се јавуваат на нашите простори, и како можеме едни на други да помогнеме во решавањето на тие проблеми“.
„Хрватска останува подготвена да помогне на соседните земји, па и на БиХ, во процесот на реформи за што побрзо да станат членки на ЕУ“, заклучи Грабар-Китаровиќ.