Bedrudin Brlyavac
31 Јули 2019•Ажурирај: 01 Август 2019
САРАЕВО (АА) - Партијата на демократската акција (SDA) и Социјалдемократската партија (SDP) на Босна и Херцеговина остро реагираа по повод изјавата на претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, дека БиХ е нестабилна држава под контрола на милитантниот ислам, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Произволните и злонамерни обвиненија кои ги изнесе претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, претставуваат израз на нејзината сè поизразена исламофобна политика кон БиХ и Бошњаците, која се темели на идејата на етничка и верска супремација, и имаат елементи на фашизам. Ниту еден сериозен и релевантен фактор во меѓународната заедница нема да поверува во нејзината невистина, но сите во Европа и светот знаат многу добро дека хрватската претседателка е предводничка на политиката која доведе до тоа во Хрватска отворено да се величаат осудените воени злосторници и дека неонацистичките групи имаат сè поизразено влијание на политичките процеси,“ порачаа од СДА.
Во соопштението понатаму се наведува дека обвиненијата на претседателката на Хрватска насочени против БиХ и Бошњаците никогаш нема да бидат кредибилни.
„Парадоксално е претседателката на Хрватска да дава изјави со елементи на фашизам токму во Израел, додека во Хрватска го толерира растот на милитантните усташки и неонацистички движења, кои ги слават НДХ и воените злосторници кои учествувале во извршување на холокаустот. Обвиненијата на претседателката на Хрватска насочени против БиХ и Бошњаците никогаш нема да бидат кредибилни, бидејќи немаат никаква основа“, се додава во соопштеието.
Социјалдемократската партија на БиХ, од своја страна, ја повика претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, да престане со изнесување невистинити и навредливи тврдења за состојбата во БиХ.
„Неприфатлива е и, всушност, безобразна изјавата на претседателката на соседната земја за наводната закана на милитантниот ислам од БиХ. Единствен политички фактор во меѓудржавните односи на БиХ и Хрватска со милитантна позадина е ХДЗ, партијата од кога доаѓа г-ѓа Грабар-Китаровиќ. Се работи за политички субјект за кој по судски пат е потврден придонесот и учеството во здружениот злосторнички потфат на територијата на БиХ. Наместо извинување на жртвите и надоместување на воената штета, Грабар-Китаровиќ и нејзините партиски колеги ги величаат злосторниците, ги посетуваат во затвори, а злосторствата се обидуваат да ги правдаат со наводна фантомска закана на милитантниот ислам“, се наведува во соопштението на Социјалдемократската партија.
Предупредуваат дека со ваквите постапки се оживуваат воените идеологии.
„Ги повикуваме институциите на ЕУ и сите домашни фактори на правниот поредок, вклучувајќи ги и меѓународните институции, да ги осудат постапките на Република Хрватска, која конечно мора да сноси конкретни политички последици за своите милитантни и непријателски постапки и ставови кон Босна и Херцеговина“, се заклучува во соопштението на Социјалдемократската партија на БиХ.