Zlatan Kapic
02 Септември 2020•Ажурирај: 04 Септември 2020
САРАЕВО (АА) - Партијата за демократска акција во Босна и Херцеговина остро ги осудува нападите врз Бошњаците во Плевља и четничките провокации на кои во последните денови се сведоци Бошњаците, како и другите малцински народи во Црна Гора, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Со голема загриженост ги следиме изливите на омраза, нетрпеливост и ксенофобија што на улиците на црногорските градови се изразуваат од приврзаниците на големосрпските политички партии, чија цел пред сè се Бошњаците“, се соопштува од СДА со пораката:
„Сликите што ги гледаме и пораките што ги слушаме нè потсетуваат на 90-тите години од минатиот век и се голема опомена за тоа што може да следи доколку големосрпската идеологија, со помош на други опозициски партии, успее да завладее со Црна Гора.“
На заканите со „нова Сребреница“ во Плевља никој не смее да остане рамнодушен, истакнаа од СДА, ниту пак смеат да се игнорираат таквите закани во општествен амбиент каков што се создаде во Црна Гора по последните избори.
Институциите на државата Црна Гора мора да ги заштитат Бошњаците во Плевља и итно да ги идентификуваат насилниците бидејќи е целосно недозволиво тие да бидат препуштени на милост и немилост на четничките екстремисти.
Исто така, политичките лидери во Црна Гора мора недвосмислено да ги осудат ваквите напади „а видовме дека досега тоа го сторија само претседателот Мило Ѓукановиќ и Бошњачката партија, додека останатите упорно ги изедначуваат жртвите и насилниците, повикувајќи ги „сите страни“ на воздржаност, со што намерно ја замаглуваат ситуацијата и го охрабруваат насилството.“
Како што беше соопштено, посебна одговорност сносат политичарите Бошњаци и Албанци, без чии раце не може да се устоличи пристрасната националистичка власт што го покажа своето лице во Плевља.
„Кој со ѓаволот тикви сади мора да биде свесен дека се изложува и себеси и својот народ на ѓаволското сценарио што го искусивме во блиското минато“, се заклучува во соопштението.