Alma Çekovic
18 Мај 2016•Ажурирај: 18 Мај 2016
ТЕХЕРАН (АА) - Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, допатува во тридневна официјална посета на Иран, а во Претседателската палата со највисоки државни почести ја дочека нејзиниот домаќин, иранскиот претседател Хасан Рухани, јавува Anadolu Agency (AA).
По церемонијата на свечениот пречек во Претседателската палата, претседателката Грабар-Китаровиќ и претседателот на Исламската Република Иран, Хасан Рухани ќе одржи средба и билатерален состанок со официјалните делегации на двете земји.
Во присуство на двајцата претседатели, министрите за економија на Хрватска и Иран ќе потпишат договор за економска соработка, а претседателите на Стопанските комори на Хрватска и Иран ќе потпишат Меморандум за соработка.
Освен со иранскиот претседател, хрватската претседателка во Техеран ќе одржи одвоени состаноци со највисоките државни функционери, со врховниот лидер на Исламската Република Иран, ајатола Али Хаменеи, претседателот на парламентот Али Лариџани и со министерот за надворешни работи др. Мухамед Џавад Зариф.
Во склоп на официјалната посета, хрватската претседателка, заедно со својот домаќин, иранскиот претседател Рухани, ќе им се обрати на учесниците во Иранско-хрватскиот економски форум.
Имено, заедно со претседателката на Хрватска, допатува една од најголемите делегации на хрватски стопанственици кои ја придружуваат претседателката при посетите на странски држави. Во делегацијата се наоѓаат претставници од шеесетина компании кои ги организира Хрватската стопанска комора.
Тридневната официјална посета на хрватската претседателка е првата директна средба на највисоко ниво меѓу двете држави по укинувањето на санкциите на Иран и ќе има голема политичка важност, но главниот акцент на посетата ќе биде ставен на развојот на стопанските односи кои речиси и да изостануваа во последните десетина години.