Mustafa Melih Ahıshalı
10 Април 2017•Ажурирај: 10 Април 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рухани, во денешната своја изјава во Техеран посочи дека на Сирија ѝ се потребни реформи во државата и порача оти официјален Техеран е за подобрување на односите со Саудиска Арабија, јавува Anadolu Agency (AA).
На новинарското прашање за можноста за маневар во политиката на Иран кон Сирија, бидејќи Техеран го поддржува режимот на Башар ал Асад, Рухани истакна дека најнапред Западот мора да престане со поддршката на терористите.
„Секако дека е потребно да се спроведат и реформи во Сирија“, изјави Рухани на прес-конференцијата во Техеран.
Рухани го смета за погрешно ракетирањето на воената база во Сирија што го изведе војската на САД.
„Нападот на САД во Сирија беше грешка. Тоа се случи за првпат. Доколку тоа продолжи, би можело да предизвика навистина опасни последици“, изјави иранскиот претседател.
Зборувајќи за односите на Иран и Саудиска Арабија, Рухани истакна дека потезите на официјален Ријад против неговата земја ги предизвикуваат поразите на Арабија во Сирија и во Јемен.
Потсетувајќи на минатогодишните настани за време на извршувањето на аџилакот во Саудиска Арабија, Рухани посочи дека тие немили настани подоцна предизвикале и напади на саудиските претставници во Иран и сериозно ги нарушиле односите на двете земји. Меѓутоа, смета Рухани, фактот дека Иранците оваа година ќе патуваат во Мека за да ја извршат петтата исламска должност - аџилак, претставува знак дека односите меѓу двете земји се подобруваат.
Претседателските избори во Иран ќе бидат одржани на 19 мај, а Рухани претходно поднесе кандидатура.