Mustafa Melih Ahıshalı
10 Февруари 2017•Ажурирај: 11 Февруари 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Граѓаните на Техеран денес запалија кукла со ликот на американскиот претседател Доналд Трамп, во текот на одбележувањето на 38-годишнината од Иранската револуција, јавува Anadolu Agency (AA).
Централната манифестација беше одржана на техеранскиот плоштад Азади, каде што на граѓаните им се обрати претседателот Хасан Рухани. Тој изјави дека земјата нема да оствари економски напредок без решавање на општествените прашања.
„Пред нас е долг пат. Знаеме дека нашиот народ сака подобар живот. Тоа е нивно право“, изјави Рухани, кој укажа на важноста на борбата против корупцијата.
Тој додаде дека во општеството постојат многу проблеми и ги истакна невработеноста, сиромаштијата и зголемувањето на бројот на разводите.
„Доколку сакаме да оствариме економски напредок, мораме да се бориме против корупцијата“, смета Рухани.
Во Иран, традиционално, од 1. до 11. февруари се одбележува годишнина од револуцијата. И на овогодишните свечености во земјата беа извикувани антиамерикански и антиизраелски слогани, а запалена е и кукла којашто го симболизира американскиот претседател.
Иранската револуција, позната и како исламска револуција во Иран, се состоеше од низа масовни протести и политички реформи што во 1979 година доведоа до соборување на монархијата на Реза Пахлави и до устројство на Иран како исламска република.