Fatih Erel
26 Април 2018•Ажурирај: 26 Април 2018
НИОН (АА) - Фудбалскиот сојуз на Турција (TFF) ја потврди кандидатурата за организација на Европското првенство 2024 година, ден пред истекување на рокот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим Демирорен, претседателот на Сојузот, денес во Нион на Теодор Теодоридис, генералниот секретар на Европската фудбалска федерација (УЕФА), официјално му ја предаде кандидатурата на Турција за организација на ЕВРО 2024 година.
„Мило ни е што ја предадовме кандидатурата. И претходно имавме неколку обиди, но оваа кандидатура е досега најдобро подготвена. Време е за Турција. На УЕФА не ѝ треба само Европа, туку и Азија“, изјави меѓу останатото Демирорен
Комитетот на УЕФА ќе ги разгледа доставените кандидатури и на 27 септември ќе одлучи кој ќе биде домаќин на ЕВРО 2024 година.
По Европското првенство во 2020 година, кое ќе се одржи во 12 земји на стариот континент, ЕВРО 2024 ќе се врати во стабилната форма со една земја домаќин. Единствен противкандидат на Турција е Германија, која кандидатурата ја предаде на почетокот од оваа недела.
Западна Германија беше домаќин на Светското првенство во 1974 година и Европското првенство 1988 година, а по обединувањето го организираше Мундијалот 2006 година.
Турција никогаш не била домаќин на големо натпреварување. Неуспешно се кандидираше за организација заедно со Грција во 2008 година и самостојно, четири години подоцна.
На Европското првенство 2024 година би требало да играат 24 репрезентации.