Almir Terzic
18 Мај 2016•Ажурирај: 19 Мај 2016
САРАЕВО (АА) - Со свечен дочек во Претседателската палата на иранскиот претседател Хасан Рухани, започна официјалната посета на претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, на Исламската Република Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата на двајцата претседатели и билатералниот состанок на хрватските и иранските официјални делегации, министрите за стопанство на Република Хрватска и Исламската Република Иран, во присуство на претседателите, потпишаа Договор за стопанска соработка, а претседателите на Стопанската комора на Хрватска и Иран потпишаа Меморандум за разбирање на двете стопански комори.
„Денешната средба беше можност да разговараме за односите на нашите две држави и подрачјата од наш заеднички интерес, особено за глобални предизвици како што се тероризмот и миграциите”, изјави хрватската претседателка Грабар-Китаровиќ.
Билатералните односи помеѓу Хрватска и Иран ги оцени како пријателски, без отворени прашања, и истакна дека контактите помеѓу двете држави не биле откажани ни за време на претходниот период.
За време на состанокот се разговараше и за моменталната состојба на стопанските односи и за нивниот понатамошен развој. Хрватска со членството во ЕУ оствари една од своите стратешки цели, изјави хрватската претседателка, и како нова цел на Хрватска го истакна остварувањето на целосна соработка, особено стопанска, со земјите надвор од ЕУ.
„Се запознав со развојните планови на Иран кои вклучуваат големи проекти на модернизација, изградба на електроенергетска инфраструктура, обнова на морската флота како и изградба на нова или обнова на постоечката сообраќајна инфраструктура", изјави Грабар-Китаровиќ.
Таа ја истакна хрватската посветеност за обновата на стопанските врски со Исламската Република Иран. На реализацијата на тој план ќе придонесат и шеесеттe хрватски компании кои во организација на Хрватската стопанска комора пристигнаа во Иран за учество на Економскиот форум.
Хрватска како држава членка на ЕУ ги поддржува напорите за остварување на цврста соработка помеѓу ЕУ и Иран, кажа хрватската претседателка и додаде дека во Хрватска, Иран има доверлив пријател.
Истакнувајќи ја клучната улога на Иран во овој дел на светот, таа изјави дека од исклучителен значај е конструктивната улога на Иран и придонесот за меѓународната безбедност преку неговото делување и решавање на судирите и кризите во неговото соседство.
„Сметаме дека со Иран е потребно да се работи на утврдување на области од заеднички интерес и потенцијал за соработка, посебно кога станува збор за Сирија, Ирак и Авганистан или борбата против тероризмот”, истакна Грабар-Китаровиќ.
Таа ги поздрави дипломатските напори на иранската влада кон своите соседи и рече дека Хрватска ги поттикнува понатамошните чекори во таа насока, како Иран, така и останатите држави во соседството.
Осврнувајќи се на актуелните миграциски предизвици и бегалската криза како и големиот број на авганистански бегалци кои во Европа доаѓаат од Иран, Грабар-Китаровиќ рече дека Хрватска во ЕУ ја нагласува важноста на сеопфатниот дијалог на ЕУ со Иран во врска со миграциите, по примерот на соработката со Турција, Јордан и Либан, а со цел изнаоѓање на модалитет за пружање помош на Иран во интеграција на авганистанските бегалци во Иран, како и поттик за нивно враќање во Авганистан.
Во натамошната посета, Грабар Китаровиќ во Техеран ќе оддржи одвоени состаноци со највисоките ирански официјални лица, врховниот лидер на Исламската Република Иран ајатола Али Хамeнеи, претседателот на Парламентот на Исламската Република Иран, Али Лариџани и министерот за надворешни работи, Мухамед Џавад Зариф.