политика, Балкан

Заев - Курти: Интензивирањето на соработката придонесува за стабилноста на целиот регион

Владите на Северна Македонија и Косово ја одржаа првата заедничка владина седница, при што се потпишаа 11 договори и меморандуми од разни области

Abdula Berisha  | 16.09.2021 - Обновена : 17.09.2021
Заев - Курти: Интензивирањето на соработката придонесува за стабилноста на целиот регион Фото: Edıta Zekjırovıc/AA

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, одржа заедничка прес-конференција со својот косовски колега, Албин Курти, по заедничката владина седница одржана во Скопје, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во својот говор, Заев рече дека меѓу двете земји се одвива одлична соработка, додавајќи дека заедничката владина средба е позитивен импулс за интензивирање на односите.

Заев исто така рече дека за Северна Македонија, Косово е меѓу најважните трговски партнери, додавајќи дека интензивирањето на соработката придонесува за стабилноста на целиот регион.

„Даваме целосна поддршка на дијалогот меѓу Србија и Косово воден од Европската Унија и ќе поддржиме решение кое е прифатливо за двете страни, договор за нормализација, договор кој ќе ја зајакне регионалната соработка, стабилност и просперитет на целиот Западен Балкан“, рече Заев.

Тој исто така изрази поддршка за визната либерализација за Косово и изрази подготвеност да го сподели искуството на Северна Македонија за патот на Косово кон членство во НАТО.

Од друга страна, премиерот на Косово, Албин Курти, состанокот на двете влади го оцени како „историски момент“ во соработката меѓу Косово и Северна Македонија.

„Го одржавме заедничкиот состанок што за нас е израз на волја да означиме нова фаза на меѓусебна соработка, но и израз на благодарност за нашите добри и соседски односи“, рече Курти.

Тој нагласи дека двете земји досега имале потпишано 42 договори и меморандуми, додавајќи дека денеска се потпишани уште 11 во различни области.

„Меѓу нив е и Меморандумот за соработка, според кој ќе се формира заедничка комисија за патот Призрен - Тетово, многу важна оска за Република Косово и Република Северна Македонија“, рече Курти.

- Иницијативата „Отворен Балкан“ -

Двајцата премиери беа прашани за регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, во која членуваат Северна Македонија, Србија и Албанија, додека не ги вклучува Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Во врска со ова, Курти рече: „За нас иднината е Европската Унија.“

„Европската Унија е нашата судбина, додека Европа е нашиот континент. Затоа, и како Република Косово, ги поддржуваме сите регионални иницијативи во кои ја имаме Европската Унија и кои се од Европската Унија", рече Курти.

Заев призна дека има различни ставови со косовскиот премиер во врска со иницијативата „Отворен Балкан“, но рече дека тоа не е пречка за соработка.

„Само ќе кажам дека Косово е суверена и независна држава, ги гради своите ставови и ние ги почитуваме тие ставови“, рече Заев, и додаде дека смета дека балканските земји треба да одржуваат дијалог и да постигнат договор.

Тој рече дека шесте земји од Западен Балкан немаат алтернатива, освен да се приклучат кон ЕУ и според него, секој билатерален или регионален договор се прави за побрза и поефикасна иднина во ЕУ.

Претходно во текот на денот, владината делегација, предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, со официјална церемонија ја пречека делегацијата од Република Косово, предводена од претседателот на Владата, Албин Курти.

Владите на Република Северна Македонија и Република Косово, во полн состав, ја остварија првата заедничка седница.

Во рамки на посетата, пред заедничката седница на двете влади, се одржа и билатерална средба на премиерите Заев и Курти, како и билатерални средби на министрите од владите на двете земји.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.