БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека Србија ќе донира пет милиони евра на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, но исто така дека ќе донира и 500.000 евра за реконструкција на православните цркви во другиот ентитет, односно на Федерацијата на Босна и Херцеговина, и 500.000 евра за вработување на младите, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ истакна дека меѓу градовите кои ќе добијат донации се Приедор, Нови Град, Мркоњиќ Град, Братунац, Соколац, Ново Горажде и други градови и општини, и дека сите пари се наменети за обнова на училишта, болници и други важни сегменти од животот, а воедно ја повика Федерацијата и хрватската и бошњачката заедница да ја насочат Србија каде се потребни инвестиции во Босна и Херцеговина.
Тој на конференцијата за новинарите во Белград, по состанокот со претседателот на Република Српска, Милорад Додик, рече дека Додик побарал од Србија да помогне во изградбата на патот Гацко - Фоча со 10 милиони евра, но дека во овој момент Белград не е во можност да донесе таква одлука, додавајќи дека наскоро ова барање повторно ќе се разгледа.
Вучиќ најави дека следната недела ќе го посети Мостар, во кој се одржува бизнис саем на кој Србија е земја партнер.
Тој изјави дека Србија на саемот во Мостар ќе биде презентирана на 900 квадратни метри, со 60 компании и со најголемите бизнисмени, како и дека Србија закупила простор на телевизиите и во весниците за нејзино промовирање. Додаде дека го повикал бугарскиот премиер, Бојко Борисов, да дојде на овој саем, како официјален претставник на земјата која моментално ја води Европската Унија.
Вучиќ: Бизнисмените да одат во Приштина
Запрашан за економскиот саем во Приштина и за тоа дали нешто ги посоветувал српските бизнисмени кои се поканети на саемот, Вучиќ рече: „Им реков дека со благослов од претседателот на Републиката сите да одат во Приштина“.
Милорад Додик изрази благодарност за донацијата.
„Оваа транша на помошта беше иницирана од страна на претседателот на Србија и јас сум благодарен поради тоа. Би било непримерно таквата благодарност да изостане. Нè радува фактот што Србија има одговорност и желба да ѝ помогне на Република Српска“, рече Додик.
Додик го истакна, она што неколкупати го повторуваше, дека „Република Српска е единствената работа што функционира во Босна и Херцеговина."
Вучиќ рече дека го известил Додик за најновите случувања во Косовска Митровица и за идеите изнесени за време на внатрешниот дијалог за Косово.
Додик рече дека Република Српска по прашањето за Косово ќе ја следи исклучиво политиката на Белград.
„Ние ја следиме политиката на Србија, не сме подготвени да дадеме согласност Босна да ја прифати независноста на Косово, и тоа нема да се случи. РС за Косово ја следи политиката на Белград и Србија, и ние ќе направиме сè што таа политика одлучи“, рече Додик.
Тој за апсењето на директорот на Канцеларијата за Косово, Марко Ѓуриќ, рече дека меѓународната заедница покажала дека има двојни стандарди и различни критериуми.
Вучиќ не можеше да одговори на прашањето дали тој или премиерката Ана Брнабиќ ќе оди во Софија на самитот на кој ќе учествува и Косово.
Тој најави дека на 10, 11 и 20 април го очекуваат многу важни разговори за Србија во Европа и во светот.
„Се радувам на секој разговор, но не очекувам премногу добра вест за нашата земја“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Косово не сака компромис, дека нема намера да работи на Заедницата на српски општини.
Додик: Немаме доверба во НАТО
На прашањето зошто се противи на воената вежба на Мањача, Додик рече дека е потребно да се почитува одлуката на Република Српска за воената неутралност кога станува збор за воените вежби, и дека тоа е непотребна воена вежба.
Тој додаде дека постојат тврдења дека во оваа воена вежба ќе се користат авиони кои користат само осиромашен ураниум како муниција и дека не веруваат на тврдењата дека тоа нема да се користи.
„Ние немаме доверба во НАТО, бидејќи бевме бомбардирани. Не можеме да веруваме во ветувањата дека нема да се користи осиромашен ураниум. Јавноста во Република Српска е против оваа вежба и тоа нема да се случи“, рече Додик.
news_share_descriptionsubscription_contact
