Zülfiya Yakup
03 Април 2016•Ажурирај: 03 Април 2016
КОСОВО (АА) - Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, во рамките на еднодневната посета на севениот дел на Косово, во северна Митровица отвори Онколошко одделение опремено со современ мултислајд скенер и во таа пригода рече дека во овој проект се вложени 640.000 евра и дека тоа за Србија се големи средства, но дека станува збор за една од најважните институции за граѓаните на Косово, јавува Anadolu Agency (АА).
Онколошкото одделение е дел од досегашниот Здравствен центар во Митровица, кој од денес е преименуван во Клиничко-болнички центар.
Вучиќ нагласи дека е среќа тоа што Владата на Србија успеа да го реализира, ветувајќи дека и понатаму ќе се вложува во Косово со цел поправање на стандардот на српскиот народ.
„Нашата ситуација не е лесна, но онолку колку што ќе бидеме економски моќни, дотолку ќе бидеме во можност и повеќе да ви помогнеме”, рече Вучиќ.
На Србите од Митровица им порача дека тие се бранители на татковината и дека Србија се гордее со нив.
И во текот на посетата на Митровица, Вучиќ ја спомена експлозијата од утринава на паркингот пред спортската сала во Зубин Поток, во која во текот на денешниот ден треба да одржи говор.
„Морам да признаам дека е прилично глупаво да фрлате бомби на српскиот премиер, а да сакате да кажете дека тоа е државата Србија”, рече Вучиќ, додавајќи дека тој инцидент не го уплашил.
По отворањето на Онколошкото одделение, Вучиќ тргна во обиколка на универзитетскиот кампус во Клиничко-болничкиот центар.
Пред тоа беше во посета на манастирот Бањска, а посетата ја започна утринава со посетата на рудникот Трепча во Лепосавиќ каде што порача дека Србија со политички средства ќе се бори за Трепча.