Ihvan Radoykov
03 Февруари 2022•Ажурирај: 04 Февруари 2022
СОФИЈА
Во Бугарија 21 пратеник ќе бидат казнети бидејќи на пленарната седница на бугарскиот Парламент не носеле маски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Парламентот на Бугарија од 24 јануари како мерка за претпазливост против Ковид-19, може да се влезе со потврда за вакцина или документ за антиген тест, додека пратениците смеат да ја вадат маската само додека зборуваат.
Екипата на Државниот здравствен инспекторат (RZİ) изврши увид на седницата на Собранието и утврди дека 21 пратеник не носат маски.
Пратениците, кои ги прекршиле здравствените правила и го ризикувале здравјето на своите колеги, се повикани во Државниот здравствен инспекторат во главниот град Софија.
- Казна од 1.000 лева (околу 500 евра)
Во соопштението на Државниот здравствен инспекторат во врска со увидот се истакнува дека казната што може да се определи за прекршување на препораките за едно лице ќе изнесува 1.000 бугарски лева (околу 500 евра).
Се дознава дека 13-те пратеници кои не носеле маски се од антивакцерската, проруска, популистичка партија Преродба и некои пратеници од други партии.
Претседателот на партијата Преродба, Костадин Костадинов, кој го брани ставот дека „Ковид не постои“, истакна дека ќе поднесат жалби за казните.
Костадинов, со поддршка од другите пратеници во Собранието, најави дека подготвиле предлог-резолуција за укинување на сите мерки против Ковид-19 во земјата, вклучително и условот за сертификат.
Во Бугарија, која се наоѓа во четвртиот бран на епидемијата, во последните 24 часа се регистрирани 9.152 нови случаи, починале 87 лица, од кои 86 отсто се невакцинирани.
Од друга страна, во болниците се лекуваат 5.917 лица. Од почетокот на епидемијата во земјата со 6,52 милиони жители починале 33.492 лица.
Во Бугарија, каде што преовладуваат антивакцерските движења, досега се вакцинирани само 2 милиони граѓани.