Ayhan Şimşek
04 Февруари 2022•Ажурирај: 05 Февруари 2022
БЕРЛИН (АА) - Бројот на новозаразени со Ковид-19 во Германија достигна нов рекорд од повеќе од 250.000, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“ (РКИ), агенција за контрола на болести во земјата, потврди 248.838 нови случаи на Ковид-19 и 170 смртни случаи поврзани со коронавирусот во текот на изминатиот ден.
Високозаразната варијанта Омикрон е главната причина за високата бројка, сочинувајќи повеќе од 98 отсто од сите нови случаи.
Експертите на Институтот во неодамнешниот извештај рекоа дека бројот на дневни случаи може да се зголеми на над 300.000 во наредните денови, а врвот би можел да биде достигнат кон средината до крајот на февруари.
И покрај алармантниот пораст на бројот на заразени, приемите во болниците за Ковид-19 останаа релативно ниски, а властите пријавија во просек пет хоспитализации на 100.000 жители.
Заклучно со вчерашниот ден, на одделенијата за интензивна нега се лекуваа 2.262 пациенти, а речиси 3.000 кревети беа слободни.
Сепак, здравствените власти предупредуваат дека брзото ширење на Омикрон сè уште може да го совлада здравствениот систем доколку случаите продолжат драстично да се зголемуваат.
Институтот „Роберт Кох“ ги повика луѓето да се вакцинираат и добијат бустер доза.
До денеска, околу 74 отсто од населението е целосно вакцинирано против коронавирусот, а речиси 54 отсто од луѓето примиле бустер дози.
Германија е меѓу земјите најтешко погодени од пандемијата на Ковид-19 во Западна Европа со најголем број на пријавени случаи, по Франција, Велика Британија и Италија.
Земјата со 83 милиони жители има пријавено повеќе од 10,6 милиони случаи на Ковид-19 и речиси 118.500 смртни случаи од почетокот на пандемијата.