Vesna Besic
21 Ноември 2020•Ажурирај: 22 Ноември 2020
САРАЕВО
Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Џозеп Борел, кој престојува во посета на Босна и Херцеговина, денес во Сараево порача дека ја користи оваа можност уште еднаш за да ја потврди поддршката што ја искажуваат за напорите на БиХ на нејзиниот европски пат, бидејќи иднината на оваа земја е европска, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Имавме искрен и отворен разговор. Многу отворено разговаравме за сегашната ситуација и за некои идни перспективи на БиХ на нејзиниот европски пат. Ова без сомнеж е историски ден, важен ден за БиХ, но и за Европа. Војната, опсадата на Сараево, сето тоа се работи на кои добро се сеќавам“, појасни Борел по состанокот со членовите на Претседателството на БиХ.
Денес, како што рече, се одбележуваат 25 години од Дејтонскиот мировен договор.
„Годишнината е добра можност да се осврнеме на сето она што се случувало во минатото и да оддадеме почит и да се сетиме на жртвите и на сите оние што работеле и продолжуваат да работат во насока на помирувањето“, истакна Борел.
Тој ја поздрави и заедничката изјава на членовите на Претседателството на БиХ по повод 25-годишнината од Дејтонскиот мировен договор.
„Со оваа заедничка изјава препознаена е можноста за јакнење на довербата, меѓусебно почитување и уважување на сите во БиХ, еднакво како и потребата да се оддаде почит на сите цивилни жртви на војната. Мене би ми било задоволство да имав можност да присуствувам на заедничката комеморација и сеќавање на сите жртви. Тоа би бил важен знак и можност да се потсетиме на важноста на понатамошните исчекори. Тоа го нагласувам од причина што помирувањето е составен дел од 14-те клучни приоритети од Мислењето на Европската комисија. Минатото мораме да го уважуваме, но истовремено мораме да се свртиме кон иднината“, порача Борел.
Како што рече, кога се говори за иднината, разговарале за некои исчекори, предизвици на европскиот пат на БиХ.
„Ја користам оваа можност од наша страна уште еднаш да ја потврдам поддршката што ја искажуваме за напорите на БиХ на нејзиниот европски пат. Иднината на оваа земја е европска. Јас тука немам никакви лекции и проповеди за кој било, но верувам дека можам да споделам искуства“, рече Борел.
Тој потсети дека ЕУ веќе сега е водечки економски партнер и секаков друг партнер за оваа земја.
„Сега е на домашните власти, они се тие коишто мораат да ги интензивираат напорите за да остварат исчекори и резултати за реформите што оваа земја и нејзините граѓани ќе ги донесат поблиску до ЕУ. Статусот на земја кандидат може сериозно да се земе на разгледување дури кога имаме напредок во сите 14 клучни приоритети. Ќе напоменам дека повеќе од 80 отсто од населението во БиХ ги поддржува европските интеграции“, додаде Борел.