Necva Taştan Sevinç
25 Септември 2026•Ажурирано: 25 Септември 2026
Меѓународниот кривичен суд (МКС) презеде чекори за заштита на своето работење од можни нови американски санкции насочени кон институцијата во целина, изјави заменик-обвинителката Назхат Шамим Кан во интервју објавено денес, јавува Анадолу.
„Презедовме голем број активности за да се осигуриме дека судот е заштитен од влијанието на какви било можни санкции во иднина“, рече Кан за „Фајненшал тајмс“.
Таа рече дека претставници на МКС слушнале гласини за дополнителни мерки, но дека не добиле официјално известување. Наводната закана следува по американските санкции воведени во текот на изминатата година против поединечни претставници на судот, меѓу кои и Кан.
Според Кан, судот го заменил канцеларискиот софтвер на „Мајкрософт“ со германскиот „оупенДЕСК“ и презел мерки за ограничување на можните нарушувања во банкарското работење, здравственото осигурување и исплатата на платите. На вработените, исто така, им биле исплатени платите однапред за неколку месеци.
Подготовките сè уште се „во тек“, рече таа.
Американската администрација досега санкционирала 13 претставници на МКС, меѓу кои девет од вкупно 18 судии на судот, според наводите. Мерките им го ограничиле пристапот на некои претставници до американски кредитни картички и други услуги, се додава.
Најновата закана доаѓа во услови на обновени критики кон МКС од американскиот претседател Доналд Трамп, кој во текот на оваа недела, во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН, ги повика земјите членки да го напуштат судот.
Критиките од Вашингтон се засилија откако МКС во 2024 година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради наводни воени злосторства во Газа. САД и Израел не се членки на МКС, а судот ја заснова својата надлежност во случајот врз членството на Палестина.