САРАЕВО
На денешен ден пред 25 години во воената база „Рајт-Патерсон“ во градот Дејтон, во американската држава Охајо, парафиран е Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина, попознат како Дејтонски мировен договор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со тој документ официјално е завршена речиси четиригодишната војна, а Босна и Херцеговина е организирана како држава на три конститутивни народи и останатите, и на два ентитети - Федерација БиХ и Република Српска.
Главните актери на мировните преговори беа и потписници на Дејтонскиот договор - претседателот на Република БиХ, Алија Изетбеговиќ, претседателот на Хрватска, Фрањо Туѓман, и српскиот претседател, Слободан Милошевиќ, на 14 декември 1995 година во Елисејската палата во Париз. Сите три држави настанаа по распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
„Ова не е праведен мир, но е поправеден од продолжување на војната. Во ваквата ситуација каква што е, и во ваквиот свет каков што е, подобар мир и не можеше да биде постигнат“, рече Алија Изетбеговиќ по церемонијата на потпишувањето на Дејтонскиот договор во Париз.
Овие зборови можеби до денес претставуваат најдобар опис на моментот во кој е усогласен Мировниот договор за Босна и Херцеговина. Во моментот на потпишувањето, Дејтонскиот договор за граѓаните на БиХ, кои беа изморени од војната, го донесе долго посакуваниот и очекуван мир. Истовремено донесе и сосема ново уставно уредување на земјата, за кое, во моментот кога е потпишан, барем што се однесува до обичните граѓани во БиХ, малку кој размислувал во земјата во која смртно настрадале повеќе од стотина илјади луѓе, повеќе од милион беа протерани од своите огништа или избегале во други земји, додека куќите, фабриките, училиштата, факултетите, инфраструктурата, културните и историските споменици беа разорени...
„Дејтонскиот мировен договор донесе престанување на војната во Босна и Херцеговина и за тоа мораме да бидеме свесни сите, бидејќи тоа, во периодот кога е донесен, беше вест која едвај ја чекавме“, рече во претходните години за АА Игор Рајнер, пратеник во Собранието на РБиХ во време на потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во 1995 година.
„Не донесе ниту политичка, ниту економска целовитост на Босна и Херцеговина. Не донесе еден глас на БиХ во европската заедница, односно во ЕУ, ниту во меѓународни рамки. Ако тоа го анализираме тогаш мораме да подвлечеме една црта помеѓу она што било, она што е сега, и она што ја чека Босна и Херцеговина во иднина. Секако, за генезата на самиот Дејтонски мировен договор сега е беспредметно во тој дел да се разговара затоа што тој има многу свои недостатоци или зошто тој не е во потполност применет на територијата на Босна и Херцеговина“, изјави порано за АА Јусуф Пушина, некогашен министер за внатрешни работи на РБиХ и советник на претседавачот на Претседателството на БиХ, Алија Изетбеговиќ.
Некогашниот член на Претседателството на Босна и Херцеговина и министер за надворешни работи на РБиХ во воениот период, Харис Силајџиќ, беше и член на делегацијата на Босна и Херцеговина во преговорите за Дејтонскиот мировен договор. Тој порано изјави дека Дејтонскиот мировен договор е креиран симболично во Босна и Херцеговина, но низ вооружување, војници, тенкови...
„Кога сме примени во ОН на 22 мај во 1992 година, тоа беше нашата последна шанса војната да биде препознаена како агресија на државата, а не само на територијата. Добро е што во тоа и успеавме“, нагласи Силајџиќ.
Најголем придонес во креирањето на Дејтонскиот договор даде Ричард Холбрук, поранешен заменик на американската државна секретарка Медлин Олбрајт, а со своето присуство гаранти беа и американскиот претседател Бил Клинтон, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Бутрос Бутрос-Гали, поранешниот француски претседател Жак Ширак, тогашниот британски премиер Џон Мајор, генералниот секретар на НАТО, Хавиер Солана, германскиот канцелар Хелмут Кол, рускиот премиер Виктор Черномирдин, како и шведскиот премиер Карл Билд, кој, исто така, беше копретседавач на мировната конференција во име на ЕУ.
Договорот се состои од 11 анекси, вклучувајќи го и Анекс 4 – Уставот на Босна и Херцеговина, кој е во сила и денес, 21 година по Дејтонскиот договор. Токму овој анекс, во последните неколку години е предмет на најжестоки дебати. Со него е потврден суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Босна и Херцеговина како држава. Одредено е дека Босна и Херцеговина е составена од два ентитета, Федерацијата Босна и Херцеговина и Република Српска, како и дека е составена од конститутивни народи, Бошњаци, Хрвати и Срби, заедно со другите.
Дејтонското уставно уредување стана еден од основните проблеми во функционирањето на модерна БиХ, но и препрека на нејзиниот пат кон евроатлантските интеграции. Тоа стана препрека и во внатрешното функционирање на државата и предмет на спор меѓу политичките опции во поглед на тоа како БиХ како држава треба да изгледа во иднина и каква би требало да биде нејзината внатрешна структура. Во последниве години, не е постигнат консензус ниту за еден предлог за уставните промени. Јазот меѓу политичките претставници во врска со измените на уставниот поредок на Босна и Херцеговина се рефлектира во сите сфери на животот.
Во босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, во согласност со ентитетскиот закон за празници, денешниот ден, 21 ноември, се одбележува како Ден на воспоставувањето на Општиот рамковен договор за мир во БиХ и е неработен ден.
Во босанскохерцеговскиот ентитет Федерација БиХ, денес е обичен работен ден, а за четири дена, 25 ноември, ќе биде неработен ден, со кој ќе биде одбележан Денот на државноста на Босна и Херцеговина. Се работи за датум кој на заседанието на Антифашистичкиот совет на народното ослободување на БиХ во Мркоњиќ-Град е потврдена државноста на Босна и Херцеговина во рамките на границите на тогашна Југославија.
news_share_descriptionsubscription_contact
