Admir Fazlagic
21 Ноември 2020•Ажурирај: 22 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери учествуваше на Научната академија по повод Научно-културната манифестација „Деновите на Азбуката - II“, во организација на Институт за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието на Северна Македонија, во своето обраќање на научната академија, Џафери, од име на пратениците во Собранието упати честитки по повод 22 Ноември, 112-годишнината од Битолскиот конгрес каде и се унифицираше албанската азбука и што се одбележува како признаен национален празник на Албанците во Северна Македонија.
„Драго ми е што Манифестацијата започнува со омаж за Ѓерасим Ќириази и завршува со промоција на книга за Парашќеви Ќириази и, не можеше да биде поинаку. Затоа што, тие двајца, се разбира и многу други интелектуалци од сите страни на светот каде што дишат Албанците, се собраа на Битолскиот конгрес кој по составот и по прашањата што ги дискутираше и ги реши, се смета за најзначајното национално собрание во политичката и културната историја на Албанците", рече Џафери, додавајќи:
„После неуморна деветдневна работа, излегоа со најскапоцениот производ за еден народ - унифицирана Азбука, со која ќе се продолжи да се пишува, чита и шири јазикот, културата, обичаите, посебностите и пишаната и испеана фолклорна традиција, која дотогаш се проследуваше со странски букви на странски јазици."
Во обраќањето, Џафери истакна дека, она што е најзначајно „азбуката со која се роди и го започна своето патешествие националната борба за културно осамостојување на светско рамниште, беше силна поддршка за националниот идентитет и за политичката независност на Албанскиот народ."
„Секој временски период ги бие своите битки, и ги слави големите или малите битки, кои се само едно мало каменче во зацврстувањето на темелот на чувањето, развојот меѓутоа и ажурирањето на јазикот кој е жива материја и кој може и да потпадне под влијание на интернационализмите и незапирливиот и сеопфатен напредок на технологијата", истакна Џафери.
За потсетување, Денот на албанската азбука или Битолскиот конгрес, го одбележува состанокот на десетици албански научници, одржан од 14 до 22 ноември 1908 година во Битола, со цел создавање на албанската азбука. На овој Конгрес, делегатите од Албанија и од албанските здруженија и клубови од целиот свет, ја донесоа одлуката за прифаќање на латиницата, со одредени промени промени.
За албанскиот народ, Битолскиот конгрес беше најважниот настан во почетокот на 20 век, заедно со прогласувањето на независноста на Албанија на 28 ноември 1912 година. Со ова, 22 ноември останува ден за помнење за албанскиот народ, познат како Денот на азбуката.