СКОПЈЕ (АА) – Во пресрет на утрешниот Самит на лидерите посветен на климатските промени кој е свикан од претседателот на САД, Џо Бајден, денеска преку видеоконференција се одржа дискусија за националната подготовка за учество на Конференцијата COP 26 за климатските промени во Глазгов, во ноември оваа година, јавува Агенција Анадолија (АА).
На онлајн настанот учествуваа вицепремиерот за економски прашања на Северна Македонија, Фатмир Битиќи, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, како и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мери Брнз, амбасадорката на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Рејчел Галовеј и амбасадорот на Република Италија во Северна Македонија, Андреа Силвестри.
Вицепремиерот за економски прашања на Северна Македонија, Фатмир Битиќи, кој ја отвори денешната дискусија, истакна дека верува дека исходот на Самитот на лидерите ќе придонесе за засилена посветеност на земјите во достигнување на сѐ посилните амбиции за справување со климатските промени.
„Многу е важно политиките кои ги креираме сега да овозможат следните генерации да ги надградат. Затоа, јас верувам дека ние зависиме од тоа како ќе ги воспитаме нашите деца, како ќе ги едуцираме и кои принципи ќе ги втемелиме во нивното секојдневно живеење, ќе биде тоа што ќе го имаме во наредниот период“, нагласи вицепремиерот Битиќи, додавајќи дека работат со засилено темпо за остварување на глобалните цели за одржлив развој.
На видеоконференцијата свое обраќање имаше и министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Насер Нуредини.
Истакнувајќи дека основната цел на неговото министерство е раководење на политиките за климатските промени, Нуредини рече дека е донесена стратегија со која е утврден и патоказот за ниски јаглеродни гасови.
„Овој стратешки документ претставува нов поамбициозен придонес кон глобалните напори за намалување на мисиите на стакленички гасови“, нагласи министерот Нуредини.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, истакнувајќи ја посебната соработка со амбасадите кои денеска учествуваат на овој состанок, рече дека пред една и пол година се усвоени Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност кои се целосно усогласени со директивите на Европската Унија.
„Во делот на стратегијата за енергетика предвидени се три сценарија. Но, во разговори во Владата, и покрај тоа што знаеме дека Зеленото сценарио ќе нѐ чини многу повеќе, се одлучивме за тоа сценарио бидејќи долгорочно и среднорочно како држава ќе добиеме повеќе. Со тоа ќе се приклучиме на европските и глобалните трендови во транзицијата на енергетскиот сектор“, рече Бектеши.
Амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, истакнувајќи дека се наоѓаме пред клучна точка, рече дека температурата на Земјата минатата година го достигнала својот рекорд и дека имало голем број временски катастрофи како што се бури и поплави.
„Пред три години научниците нѐ предупредија дека имаме 12 години да донесеме одлуки и нешто да промениме во врска со климатските промени. Сега имаме уште само 9 години. Ова е важната деценија за носење одлуки и за акција“, рече амбасадорката Барнс.
Таа посочувајќи дека во САД се потрошени милијарди долари за климатските промени, рече дека минатата година бурите ги чинеле околу 55 милиони долари и дека мора да инвестираат во справување со овие временски катастрофи.
Наведувајќи дека климатските промени се прилично голем предизвик, амбасадорката на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Рејчел Галовеј, рече дека со закрепнувањето од Ковид-19 секоја земја ќе мора да се соочи со инклузивен и одржлив раст.
„Во Глазгов, Обединетото Кралство, во ноември ќе се одржи уште еден Самит, кој ќе биде најголем што досега се одржал во врска со климатските промени. Таму ќе дискутираме за целите и за активностите кои што треба да се преземат“, нагласи Галовеј.
Амбасадорот на Република Италија во Северна Македонија, Андреа Силвестри, истакнувајќи дека Италија е посветена на целта за намалување на емисиите на стакленичките гасови, рече дека имаат финансии за закрепнување од пандемијата и дека тие треба да бидат насочени и кон усвојување на политики за животната средина и климатските промени.
„Сакаме да основаме и ново министерство за еколошка транзиција, затоа што токму таа транзиција ќе биде клучна за нашата држава. Оваа транзиција не ја гледаме како трошок, туку како можност, затоа што ќе имаме поквалитетен живот за идните генерации“, рече амбасадорот Силвестри.
Земјите секоја година се среќаваат на Конференцијата за климатски промени (COP) за да се евалуира напредокот во борбата со климатските промени, да се разгледаат документите и договорите кои се дел од процесот за намалување на емисиите на стакленичките гасови на сите држави, особено на високоразвиените.
Конференцијата првпат се одржа во 1995 во Берлин, а 20 години подоцна, во 2015 во Париз е донесен Парискиот договор, потпишан од 197 земји, со цел ограничување на затоплување на глобалната температура под 2°C.