Mohammad Sıo
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Сириските власти денес соопштија дека го привеле главниот осомничен за масакрот во Тадамон, во безбедносна операција спроведена во околината на Хама, пренесува Анадолу.
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи се наведува дека безбедносните сили го привеле Амџад Јусеф, идентификуван како примарен извршител на масовните убиства во населбата Тадамон во Дамаск.
Случајот „Тадамон“ го привлече меѓународното внимание откако се појавија видеоснимки на кои се документирани убиствата за време на сириската војна.
На 27 април 2022 година весникот „Гардијан“ објави снимка за која рече дека била дадена од регрут во провладина милиција, на која се гледа како припадници на воената разузнавачка гранка 227 погубуваат најмалку 41 лице и ги палат телата.
На видеото е прикажан разузнавачки офицер, идентификуван како Јусеф, како пука во притвореници со врзани очи и раце.
Масакрот се случи на 16 април 2013 година кога најмалку 41 лице беа убиени во близина на џамијата Осман во населбата Тадамон, а телата беа фрлени во јама на празна улица, што стана едно од најшироко документираните злосторства во конфликтот.
Актуелната сириска администрација постојано најавува приведувања на лица обвинети за вршење злоупотреби на цивили за време на конфликтот од 2011 до 2024 година, како дел од напорите за барање одговорност.
Поранешниот претседател Башар ал-Асад, кој владееше со Сирија речиси 25 години, пребегна во Русија, со што заврши повеќедецениското владеење на партијата Бас што започна во 1963 година. Преодната администрација предводена од претседателот Ахмад ал-Шара беше формирана во јануари 2025 година.