Во време кога уметноста постојано ги поместува своите граници, една македонска фризерка од Општина Кривогаштани, Прилепско, создава дела што се реткост и на глобално ниво. Светлана Зуламоска Гроздановска (56) е уметница што наместо платно го користи подот на своето студио, а наместо бои – исечената коса на клиентите, пишува Анадолу.
Иако по образование е сообраќаен инженер, таа повеќе од три децении работи како фризерка и шминкерка во своето фризерско студио „AXE“, претворајќи го својот занает во уникатна уметничка приказна.
Наместо да ја фрла косата што останува по потстрижувањето, таа ја користи како материјал за изработка на портрети на светски познати личности.

Со трпение и прецизност, ги користи влакната како линии и сенки, при што портретите на прв поглед изгледаат како цртежи.
Екипата на Анадолу го следеше процесот на создавање на ликот на светски познатиот португалски фудбалер Кристијано Роналдо, обликуван со неверојатна прецизност на подот.
Инспирација за оваа необична техника Светлана добила на крајот на работниот ден, гледајќи ги остатоците од коса на подот.
„Идејата да создавам портрети од коса дојде од мојата љубов кон уметноста. Нашата работа како фризер и шминкер е уметност“, вели таа.
Она што за многумина е отпад, за неа претставува инспирација.
„Кога ќе заврши работниот ден, честопати остатоците од косата на клиентите на подот не ги гледам како ѓубре, туку како апстрактна слика, па оттаму добив идеја дека од нив може да нацртам лик.“
За изработка на еден ваков портрет, кој може да достигне димензии и до два метра, на Светлана ѝ се потребни од два и пол до четири часа.
Нејзиниот прв портрет бил на тенисерот Новак Ѓоковиќ, кој ја споделил нејзината работа на социјалните мрежи.
Денес таа создава портрети на светски личности, како легендарната мексиканска сликарка Фрида Кало, шпанскиот тенисер Рафаел Надал, аргентинскиот фудбалер Лионел Меси, најпознатото дело на Леонардо да Винчи, Мона Лиза, но и на личности од регионалната и домашната сцена.
Специфично за оваа уметност е нејзината краткотрајност. По завршувањето, портретите ги отстранува со фен или метла, момент што е особено атрактивен за нејзината публика на социјалните мрежи.

„Делата што ги изработувам на подот нема начин да се задржат… токму тој момент со фенот е интересен за публиката“, додава таа.
Нејзиниот талент веќе ги помина границите на државата. Нејзини дела биле претставени и во рамките на австралиското шоу за таленти, каде што нејзината техника била препознаена како уникатна и ретка.
Нејзината работа добива голема видливост и на социјалните мрежи каде што објавува видеа од процесот на создавање и собира широка публика.

Таа добива и нарачки за портрети, најчесто како оригинални подароци и изненадувања за посебни пригоди.
Покрај портретите од коса, Светлана создава и уметнички дела на платно и други материјали, а нејзина желба е оваа техника да ја претстави и на изложби.
Со внимателно подготвена коса во различни бои и текстури, таа продолжува да докажува дека уметноста може да се роди на најнеочекувани места – дури и на подот во едно фризерско студио.
news_share_descriptionsubscription_contact
