Besar Ademi
24 Ноември 2016•Ажурирај: 24 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии од Брисел „Вилфред Мартенс“, во соработка со еколошката организација „Гоу Грин – Скопје“, во Скопје се одржа меѓународна конференција на темата „Климатски промени и зелена економија – улогата на образовниот систем“. Целта на конференцијата е да се зајакне еколошкото образование и образованието за климатски промени, јавува Anadolu Agency (AA).
Организаторите сметаат дека младите луѓе и дипломираните студенти мораат да бидат соодветно едуцирани, со цел успешно да ја предводат енергетската транзиција кон општества отпорни на климатски промени. Според нив, неопходно е да се унапреди високото образование, особено во рамките на најранливите сектори од климатските промени, како што се секторот на води и енергетскиот сектор.
Антонио Јовановски од организацијата „Гоу Грин“ вели дека ова е многу важна тема за земјата, поради тоа што ќе се дискутира за создавање нови работни места во зелената економија, којашто е фокусирана на намалување на загадувањето на воздухот и на штетните емисии на гасови.
„Сега сме во предизборна кампања и програмите на партиите се фокусирани на економијата. Но, се поставува прашањето каков вид на економија ќе развиваме и какви работни места ќе создаваме... дали ќе се фокусираме кон економијата со тешка индустрија, која ќе предизвика зголемено загадување на воздухот или ќе се фокусираме на развој на зелена економија, којашто ќе создаде едно општество во кое ќе се намали загадувањето на воздухот“, рече Јовановски.
Драгана Милеусниќ од европската Мрежа за климатски акции, Брисел, рече дека на оваа конференција фокусот ќе биде на прашањето како Македонија да продолжи кон процесот на ублажување и приспособување на климатските промени.
„Балканскиот регион мора да се справи со прашањата за јагленот, односно како да се смени начинот за производство на енергија и како тоа да се направи правилно. Така, регионите што се загрозени од јагленот и луѓето што се занимаваат со ова прашање, треба да обезбедат друг начин на работа, односно опстанок“, рече Милеусниќ.
Оваа иницијатива нуди можност за отворена дискусија на сите релевантни чинители од оваа сфера, во врска со актуелните потреби на пазарот на труд, како и за мерки за приспособување коишто треба да бидат применети во образовниот систем, како предуслов за успешна декарбонизација и транзиција кон нискојаглеродни и позелени економии.
На оваа меѓународна конференција учествуваат политичари и граѓански активисти, министри, бизнисмени, професори и научници од регионот и од Европската Унија.