СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Република Северна Македонија е мултиетничка земја во која живеат различни етнички задници, меѓу кои се и Ромите, кои денес низ целиот свет со различни информативни, културно-уметнички активности и активности од забавен карактер го одбележуваат Меѓународниот ден на Ромите.
Екипата на Аnadolu Аgency (AA) ја посети скопската Општина Шуто Оризари, која е единствената општина во Европа чиј градоначалник е припадник на ромската етничка заедница.

Курто Дудуш, градоначалникот на оваа општина, вели дека 8 Април по традиција го одбележуваат со многу народ, истакнати личности кои говорат за значењето на Светскиот ден на Ромите, како и со учество на децата кои ја збогатуваат и украсуваат содржината на програмата.
Говорејќи за важноста на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, Дудуш вели дека не само во Општина Шуто Оризари, туку и на сите други места во Република Северна Македонија каде што живеат Ромите, проблемите се идентични. Меѓу нив како најголеми ги наведува проблемот со невработеноста, домувањето, односно животот во импровизирани куќи, проблемот со образованието, документите за идентификација, како и потребата од развој на инфрастуктурата во местата каде што живеат Ромите.
- „Ромите се пријателски народ“ -
Во контекст на проблемот со немањето документи за лична идентификација, Дудуш информира дека во последната година со помош на Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, работат на бројни проекти преку кои ќе ги пронајдат лицата без документација, а сè со цел да се стекнат со здравствено осигурување и со можност за искористување на нивните граѓански права пропишани со Уставот.
Според Дудуш, во Општина Шуто Оризари живеат околу 23 илјади Роми, но неофицијално, како што вели тој, оваа бројка е двојно поголема.
Градоначалникот истакна дека тие прераснуваат во една мултинационална општина, во која освен Ромите живеат и околу пет илјади Албанци, илјада Македонци, а останатите етнички заедници се во помал број.
„Ромите се познати по тоа дека се пријателски настроен народ, шират љубов насекаде каде што живеат. Сакам да им го честитам Меѓународниот ден на Ромите, да се борат за своите права, да се борат против стереотипите и дискриминацијата. Сите кои се во институциите да работат на подобрување на животот на Ромите и нека ни е честит празникот 8 Април“, порача Дудуш во разговорот за АА.

- „Еднакви меѓу еднаквите“ -
Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, на плоштадот во Шуто Оризари се одржа културно-уметничка програма, а свои обраќања имаа политичките лидери на Ромите.
Симболично, во знак на единство, заедно на сцена изглегоа пратеникот во Собранието на Северна Македонија, Амди Бајрам, градоначалникот Дудуш, како и претседателот на Обединетата партија за еманципација на Ромите (ОПЕР), Неждет Мустафа.
Во своето обраќање до присутните порачаа дека Ромите како народ треба да се обединат и проблемите да ги решаваат заеднички. Упатија заедничка порака до ромската јавност, потенцирајќи дека сакаат да бидат „еднакви меѓу еднаквите“.

- Ромите и музиката -
Неизоставен дел од ромските настани е музиката, со оглед дека општопознат факт е дека како народ, Ромите се познати по дарбата за музика и забавата. За доброто расположение на прославата по повод Меѓународниот ден на Ромите се погрижија локалните музичари од Шуто Оризари, а специјални гости беа трубачот Џамбо Агушев и неговиот оркестар кои ја воодушевија публиката.
Во разговор за АА, познатиот музичар говореше за неговата кариера и за музичкиот талент што го поседуваат Ромите како нивна препознатлива карактеристика.
Струмичанецот Агушев раскажа дека со музика се занимава повеќе од две децении, односно од неговата седумгодишна возраст, а професионално почнал да свири труба веќе од својата 11-годишна возраст.
Како што раскажува, љубовта кон музиката се родила уште од раните детски години, со оглед дека потекнува од музичко семејство во кое доминирал звукот на трубата, кој го освоил најпрвин неговото срце, а потоа и внимание, што било клучно да продолжи и понатаму да покажува интерес за овој музички инструмент.
Сега, неговиот оркестар „Агушеви оркестра“ брои 10 члена.
„Со оркестарот имаме настапувано низ целиот свет. Сега се подготвуваме за Америка во мај, имаме турнеја таму со оркестарот, а настапуваме секаде“, вели Агушев.
Најавува дека на 12 април оваа година ќе имаат настап во Истанбул, Турција, во рамките на музичкиот настан „Бејрут перформанс“.

„Со Турција ние долго време соработуваме. На „Бејрут перформанс“ прв пат ќе настапиме“, истакнува Агушев, потсетувајќи дека во Турција неколкупати веќе освојувале награди на музичките фестивали, меѓу кои и на „Меѓународниот кларинет фестивал“, кој се одржа во Истанбул минатата година.
„Добивме со оркестарот награда како најдобар бенд. Таму ја ценат балканската музика“, рече Агушев. Освен бројните настапи во Турција, Агушев со неговиот турски колега, музичарот Хусну Шенделдириџи, соработувал на музичкиот проект „Taksim Dream“.
Во разговорот, Агушев откри дека подготвуваат нов музички албум за германска продукција во Берлин, кој треба наскоро да излезе.
Говорејќи за Ромите како народ, вели дека тие се многу весели.
„На Осми април е признаена ромската нација низ целиот свет. Можам да кажам дека Ромите се многу весели. И да имаат некоја мака, тие со музика ја забораваат“, истакна Агушев.
Тој неколкукратно веќе е прогласуван за „Прва труба во Македонија“ од страна на популарни музички и забавни манифестации.

Во 2011 година, Агушев ја освои титулата „прва труба на светот“ на Меѓународниот фестивал на трубачки оркестри во Гуча, Србија.
- Ромите во Северна Македонија -
Припадниците на ромската заедница се дел од Уставот од 2001 година, признаени како посебна етничка заедница. Според пописот од 2002 година, во Северна Македонија живеат околу 53.879 Роми или 2,66 % од вкупното население, а некои невладини организации, повикувајќи се на своите истражувања, велат дека оваа бројка е поголема.
Во Општината Шуто Оризари, во која Ромите се мнозинско население, ромскиот јазик е официјален. Според наводите на ромските претставници, оваа општина е единствена во Европа чиј градоначалник е Ром. Освен во оваа општина, од 85 општини во земјата, во 50 живеат припадници на ромската заедница. Ромскиот јазик е службен и во Општина Куманово. Ромите имаат и свои припадници во Парламентот и министер во Владата на Република Северна Македонија.
Ромите имаат телевизиска и радиоемисија која се емитува на јавниот медиумски сервис (МРТ), а исто така и приватни медиуми на ромски јазик.
Денот е прогласен официјално во 1990 година во Сеороцк, Полска, на местото каде што се одржа четвртиот Светски ромски конгрес на Меѓународната ромска унија, во спомен на првата меѓународна средба на ромските претставници одржан во Челсфилд, во близина на Лондон од 7 до 12 април 1971 година.
На тој конгрес донесена е одлука за ромската химна, за која е избрана песната „Ѓелем, Ѓелем“ (ромски: Одев, одев) и одлуката за ромското знаме кое се состои од сина и зелена боја кои ги претставуваат небото и земјата. На средината на знамето се наоѓа тркало, црвена чакра, кое ја претставува миграцијата на Ромите.
news_share_descriptionsubscription_contact
