Abdula Berisha
09 Април 2019•Ажурирај: 10 Април 2019
СКОПЈЕ (AA) – Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија прими донација во вредност од околу 1 милион евра од Владата на Република Чешка, јавува Anadolu Agency (AA).
Министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и Чешка, Оливер Спасовски и Јан Хамачек, денеска во Скопје потпишаа договор кој предвидува унапредување на техничко-организационите капацитети на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Министерот Спасовски го оцени договорот како „еден силен показател на едно искрено и конкретно партнерство кое го имаме со нашите колеги од Република Чешка“.
Спасовски истакна дека со денешната донација се проширува опсегот на меѓусебна соработка во повеќе безбедносни сегменти од заемен интерес, со посебен акцент на миграционата проблематика.
„Финансиските средства се наменети за активности поврзани со зајакнување на капацитетите на одделите за гранични работи и миграции, за сузбивање на организиран и сериозен криминал, како и за воздухопловните единици при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија“, рече Спасовски.
Министерот Спасовски изрази благодарност како за донацијата, така и за полицискиот контингент од Република Чешка кој од 2016 година е присутен на јужната граница каде што го обезбедува граничниот појас заедно со македонската полиција.
Министерот за внатрешни работи на Република Чешка, Јан Хамачек, рече дека му е драго што Северна Македонија постигнува успеси во патот кон евроатланските интеграции, истакнувајќи дека Парламентот на Република Чешка во најкус можен рок ќе го ратификува Протоколот за членство на земјата во НАТО.
Хамачек, истакнувајќи дека финансиската донација не е случајна ситуација, додаде дека неговата земја ја помага Северна Македонија од 2016 година.
„Република Чешка, од 2016 година на вашата земја има доставено донации во вредност од околу 4 милиони евра, и ве уверувам дека оваа поддршка и соработка ќе продолжат и понатаму“, рече Хамачек, истакнувајќи дека оваа донација е конкретен доказ за дадената поддршка.
Двајцата министри, по завршувањето на прес-конференцијата ќе го посетат полицискиот контингент од Република Чешка кој е присутен на јужната граница.
Во текот на мигрантската криза во 2016 година, кога Северна Македонија беше дел од „балканската рута“, на јужната граница се стационираа полициски контингенти на неколку земји, вклучувајќи го и оној на Република Чешка. Исто така, во овој период Северна Македонија прими и разни донации за безбедносните сили, како во опрема, така и во финансиски средства.