Admir Fazlagic
09 Август 2017•Ажурирај: 10 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес конференција истакна дека во деновите пред одржувањето на натпреварот и на денот на натпреварот безбедноста на граѓаните и сите учесници не била загорзена и не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, како и дека беа приведени 14 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Спасовски рече дека по оценка на штабот, а врз основа на претходно направени планови беа преземени мерки и активности за одржување на стабилна безбедносна состојба, јавен ред и мир, како и да се гарантира безбедноста на учесниците на натпреварот, преставниците на УЕФА и навивачите.
„Оценката која утрово ја добив од Штабот е дека во деновите пред одржувањето на натпреварот и на денот на натпреварот безбедноста на граѓаните и сите учесници не била загорзена и не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Приведени се 14 лица од кои шест странски државјани и осум македонски државјани. Еден странски државјанин е повикан да даде исказ пред јавен обвинител бидејќи бил купувач на билет во случај на препродажба на билети“, изјави министерот Спасовски.
Информираше дека се регистрирани три случаи на препродавање на билети за Суперкупот од страна на тројца странски државјани (двајца англиски и еден српски државјанин) и двајца македонски државјани, за кои во текот на денешниот ден ќе бидат поднесени кривични пријави за сторено кривично дело ,,недозволена трговија“ став два од Кривичниот Законик.
Потоа, како што рече министерот Спасовски, регистирана е недозволена продажба на шалови со натписи на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед од страна на двајца македонски државјани, на кои им е издаден записник за прекршок по Законот за трговија. Како што информираше Спасовски, регистриран е и случај на спречување на службено лице во вршење службено дејствие од страна на вработен во Агенцијата за разузнавање.
„Дозволете да ве известам и дека Владата на Република Македонија ги презеде сите активности во нејзина надлежност за исполнување на барањата на УЕФА, кои согласно договорот требаше да се исполнат до 23 јули, а Владата вложи дополнителни напори и сите пречки со кои се соочивме беа отстранети до 20 јули. Голема благодарност до вработените во Владата и јавните претпријатија кои со својот ангажман придонесоа за позитивна промоција на Република Македонија пред светската јавност. Упатувам и голема благодарност за одличната соработка со ФФМ и УЕФА, со кои постојано комунициравме во интерес на одличната организација на овој настан. Се разбира, благодарност и до медиумите за почитувањето на правилата кои беа пропишани од УЕФА“, потенцираше министерот Спасовски на денешната прес конференција.
Тој им се заблагодари на сите вработени во МВР кои дадоа придонес за организацијата на натпреварот од Супер купот на УЕФА меѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид да помине во најдобар ред.
„Им честитам на припадниците на Министерството за внатрешни работи кои беа дел од организацијата на вчерашниот фудбалски натпревар кој се одигра во Скопје. Следејќи ги стандардните процедури за организација на настани, беше формиран оперативен штаб со кој раководеше директорот на Бирото за јавна безбедност, а во него учестуваа помошниците директори и началници од Бирото за јавна безбедност, од Управата за безбедност и контраразузнавање и Одделите во рамки на министерството“, рече министерот Спасовски.
Вчера во Скопје на националната арена „Филип Втори" се одржа натпреварот од Суперкупот на УЕФА помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед којшто заврши со резултат 2:1, со што „кралскиот клуб" по четврти пат ја освои титулата на најдобар фудбалски клуб во Европа.