Турција

Ердоган: „Обидот за воен удар на 15 јули беше обид за окупација на Турција“

Денес во Турција се одбележува Денот на демократијата и националното единство - национален празник кој се одбележува по повод годишнината од неуспешниот обид за воен удар изведен од терористичката организација ФЕТО...

Enes Kaplan   | 15.07.2020
Ердоган: „Обидот за воен удар на 15 јули беше обид за окупација на Турција“ Фото: Mustafa Kamacı/AA

АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека предавниците и терористите на денешен ден пред четири години со обидот за воен удар се обидоа во ланци и окови да го стават турскиот народ, кој е вљубеник во слободата, неуспевајќи во тоа, јавува Агенција Анадолија (АА).

Денес во Турција се одбележува Денот на демократијата и националното единство - национален празник кој се одбележува по повод годишнината од неуспешниот обид за воен удар изведен од терористичката организација ФЕТО на овој ден во 2016 година.

Претседателот Ердоган ѝ се обрати на нацијата и порача дека тој 15 јули Турција и нејзиниот народ уште еднаш покажаа како се брани сопствениот езан, знамето и демократијата.

„Секој наш човек на 15 јули покажа дека во борбата за својот езан, знаме, слобода и иднина, станува непобедлив јунак. Се обидоа да го замолчат нашиот езан, да го спуштат знамето, да ја погазат националната волја, но ги поразивме со славен отпор“, рече Ердоган.

Турскиот претседател истакна дека обидот за воен удар на 15 јули 2016 година е обид за окупација на Турција, и дека тоа несомнено претставува и предавство затоа што за тој подол чин се користени терористи инфилтрирани во турската Војска.

Тој нагласи дека предавниците и пучистите се обидоа да го заплашат и обесхрабрат турскиот народ, но го поттикнале зајакнувањето на одлучноста и волјата на народот за одбрана на своите сопствени вредности.

„Тие нема да можат да го замолчат езанот и да го спуштат знамето, колку и да се трудат, ФЕТО однатре, ПКК однадвор, а некои и од другите страни“, порача Ердоган.

Турскиот претседател рече и дека Република Турција со крупни развојни чекори покажува дека не е како земјите во регионот што некои ги окупираа со тоа што ги турнаа во внатрешни превирања.

„Сè уште не е готово, овој народ има уште многу што да каже, многу проекти за реализација. Оваа земја има уште голем потенцијал што треба да се искористи“, порача Ердоган.

Потсетувајќи дека турскиот народ пред еден век изгуби три четвртини од својата територија и основа Република, Ердоган рече дека тој народ на 15 јули 2016 година испрати јасна порака дека никогаш повеќе нема да дозволи таква катастрофа.

Ердоган понатаму изјави дека Турција е одлучна да се бори против терористичките организации и дека и понатаму ќе продолжи со спречување на терористички напади со истата одлучност, со која после 86 години овозможи на небото да одекнува езанот од Аја Софија, и од која на поголеми височини го кревала знамето секогаш кога непријателите се обидуваа да ја спуштат на тлото.

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година. Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој престојува во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција официјално го побара од САД.

Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın