26 Април 2024•Ажурирај: 27 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - „Одбраната на Ал Кудс (Ерусалим) значи одбрана на човештвото, мирот и почитувањето на различните религии. Туркије решително ќе ја продолжи оваа борба“, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
Ердоган се обрати на 5. конференција на Меѓупарламентарната платформа Ал Кудс (Ерусалим), осврнувајќи се на израелските напади врз Газа, во кои досега беа убиени речиси 35.000 цивили и повторно изнесе остри критики за Нетанјаху.
„Оние кои сакаат да ги видат фараоните од модерната ера не треба да одат далеку, нека ги погледнат оние кои брутално убија 35.000 Палестинци во последните 203 дена. Нетанјаху, како и убијците пред него, срамно го запиша своето име во историјата како „касапот на Газа“, рече Ердоган.
Зборувајќи за злосторствата на израелската армија во Газа, Ердоган рече дека „менталитетот кој го слави роденденот на своето дете убивајќи цивили во Газа ја изгубил секоја врска со човештвото и најосновните човечки вредности“.
„Сè почести се провокациите насочени кон светоста на џамијата Ал Акса, нашата прва кибла. Окупаторскиот Израел чекор по чекор го уништува идентитетот на Ал Кудс (Ерусалим)“, рече Ердоган и додаде:
„Во секој агол на Ал Кудс (Ерусалим) има трага, дело и печат на моите херојски предци кои му служеле на овој свет град 400 години. Никој не може да ги избрише тие траги. Одбраната на Ал Кудс (Ерусалим) значи одбрана на човештвото, мирот и почитувањето на различните вери, Туркије решително ќе ја продолжи оваа борба“.
Тој нагласи дека тие го гледаат Хамас како национална палестинска сила.
„Ќе продолжиме да ги сметаме нашите браќа од Хамас кои ја бранат својата татковина од окупаторите како национални сили на Палестина. Ние не сме од оние слатководни политичари кои своите зборови и ставови ги одредуваат како што дува ветрот“, нагласи Ердоган.
Во контекст на она што се случува во Палестина и непочитувањето на правата на палестинскиот народ, турскиот претседател рече дека западните вредности како демократијата, слободата, правото, слободата на изразување, мислење и медиуми се заборавени и повлечени штом тоа се однесува на Израел.
Тој потсети дека од трговски аспект, Туркије повторно е единствената земја која вовела извозни ограничувања кон Израел за 54 групи на производи
„Туркије е прва во помошта на Газа. Вкупната количина на хуманитарна помош што ја испративме со 13 авиони и девет бродови од 7 октомври достигна 50.000 тони“, рече Ердоган.
Турскиот претседател ги критикуваше САД за поддршката на Израел, велејќи дека „безусловната воена и дипломатска поддршка на американската администрација на Израел не придонесува за решението, туку го влошува проблемот“.
Тој нагласи дека Меѓупарламентарната платформа на Ал Кудс со своите активности, состаноци и конференции станала гласот на палестинската кауза на глобално ниво.