Ердоган за рускиот напад врз Украина: „Тежок удар за мирот, благосостојбата и стабилноста во регионот“
Ердоган денеска претседаваше со состанокот на Советот за безбедност на Турција во Претседателската палата во Анкара, на кој главна тема беше руската воена операција во Украина, која утрово започна со одлука на рускиот претседател Путин

АНКАРА (АА) ‒ Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој зборуваше за руската воена интервенција во Украина, рече дека овој потег е тежок удар за мирот, благосостојбата и стабилноста во регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денеска претседаваше со состанокот на Советот за безбедност на Турција во Претседателската палата во Анкара, на кој главна тема беше руската воена операција во Украина, која утрово започна со одлука на рускиот претседател Владимир Путин.
Ердоган рече дека штотуку разговарал со украинскиот претседател Владимир Зеленски, при што се осврнале на последната состојба по нападот на Русија врз Украина.
„Турција ја поддржува борбата на Украина за заштита на нејзиниот територијален интегритет, и тоа му го кажав и на Зеленски, со кого штотуку разговарав“, рече Ердоган.
Тој уште еднаш повика да се реши проблемот меѓу Русија и Украина преку дијалог во рамките на Договорот од Минск.
„Овој чекор [руски напад, заб. на ав], кој го сметаме за кршење на меѓународното право, е тежок удар за мирот, благосостојбата и стабилноста во регионот. Ја отфрламе воената операција што Русија ја започна во Украина и ја сметаме за неприфатлива “, нагласи Ердоган.
Тој истакна дека Турција ќе направи сѐ што е потребно за да ја осигура безбедноста на сите луѓе кои живеат во Украина, а особено на своите граѓани и, како што рече, на браќата Татари.