СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија соопшти дека заклучно со вчерашниот лет целосно е завршена евакуацијата на сите македонски државјани од земјите на Блискиот Исток што биле пријавени и изразиле подготвеност за евакуација, пренесува Анадолу.
Според МНР, со последниот петти авион, кој вчера слета на Меѓународниот аеродром во Скопје, евакуирани се вкупно 147 патници, од кои 119 македонски државјани и 28 странски државјани.
„Со тоа државата покажа подготвеност навреме да реагира во кризни ситуации, да ја заштити безбедноста на македонските граѓани, но и да покаже солидарност кон граѓани од пријателските земји од регионот и пошироко“, се вели во соопштението на Министерството и се додава дека станува збор за организирани чартер-летови за кои трошоците се на товар на државата.
Министерството нагласи дека со реализацијата на овие летови вкупниот број евакуирани македонски државјани достигнал 605.
„Безбедноста на граѓаните е највисок приоритет, што се потврдува и со фактот дека евакуацијата на сите македонски државјани што изразија интерес за враќање во земјата е целосно завршена“, порача Министерството и информира дека дежурниот СОС-телефонски број, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва и понатаму им остануваат на располагање на македонските граѓани.
Израел и САД започнаа заедничка офанзива врз Иран на 28 февруари. Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив, каде што се наоѓаат американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата, истовремено нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
