Турскиот претседател со порака по повод Денот на победата кај Чанаккале во Првата светска војна
„Борбата што се водеше во Чанаккале од срца полни со вера стана историска пресвртница и знак дека нашиот народ никогаш нема да се откаже од својата слобода и независност.“
ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ја одбележа Победата на Чанаккале за време на Галиполската кампања на Османлиската Империја во Првата светска војна, јавува Анадолу.
„Чанаккале е единствен еп во кој не само битката туку и верата, жртвата, љубовта кон татковината и свеста за тоа да се биде нација беа прогласени пред целиот свет“, рече Ердоган во пораката по повод 111-годишнината од 18 март, Ден на сеќавањето на загинатите херои и поморската победа на Чанаккале.
Во својата порака, споделена од Дирекцијата за комуникации, Ердоган истакна дека годишнината се одбележува со голема гордост и возбуда.
Сеќавајќи се со милост, благодарност и ценење „на хероите што го направија Чанаккале непроодно“, Ердоган рече: „Борбата што се водеше во Чанаккале од срца полни со вера стана историска пресвртница и знак дека нашиот народ никогаш нема да се откаже од својата слобода и независност.“
Потсетувајќи дека „хероите од сите краишта на Анадолија“ се упатиле кон фронтот за да ја одбранат татковината и дека народот - мажи и жени, млади и стари - „стана едно срце и ја бранеа својата земја по цена на своите животи“, Ердоган додаде: „Овој голем отпор што го покажаа нашите предци не само што ја смени судбината на нашата татковина туку и судбината на угнетените народи што живеат под прогон низ целиот свет. Херојството покажано во Чанаккале е еден од најсилните симболи на братството, солидарноста и заедничката судбина на нашата нација.“
- Битката кај Галиполе -
Десетици илјади војници загинаа во една од најжестоките битки во светот пред 110 години во Галиполската кампања во Османлиската Империја за време на Првата светска војна.
Битката се одвиваше во периодот помеѓу 25 април 1915 година и 9 јануари 1916 година.
Велика Британија и Франција сакаа да го оисигурат својот сојузник Русија бидејќи полуостровот Галиполе обезбедуваше поморски пат до тогашната Руска Империја.
Нивна цел беше да го освојат Истанбул, главниот град на Османлиската Империја.
Турците го одбија поморскиот напад, а имаше многу жртви од двете страни за време на осуммесечната офанзива.
Кога не успеа и копнената кампања, напаѓачките сили се повлекоа.
Победата против сојузничките сили го подигна моралот на турската страна, која потоа продолжи да ја води Турската војна за независност од 1919 до 1922 година и на крајот во 1923 година формираше република од старата империја.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
