свет

Франција вели дека е „подготвена да ги брани своите партнери на нивно барање“ во услови на ескалација на Блискиот Исток

- Нуклеарното оружје потенцијално би можело да биде стационирано во Германија според новиот план за „напредно одвраќање“, а се задржува целосната контрола врз неговата употреба, вели францускиот министер за надворешни работи

Necva Taştan Sevinç  | 03.03.2026 - Обновена : 03.03.2026
Франција вели дека е „подготвена да ги брани своите партнери на нивно барање“ во услови на ескалација на Блискиот Исток

ИСТАНБУЛ (АА) – Франција е подготвена да ги брани своите регионални партнери доколку формално биде побарано тоа, изјави денес францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, нагласувајќи дека секоја евентуална акција би била „пропорционална“ и во согласност со меѓународното право, во услови на ескалирачките тензии на Блискиот Исток, јавува Анадолу.

„Вчера реков, а тоа го повтори и претседателот на републиката, дека Франција е подготвена да ги брани своите партнери на нивно барање, на пропорционален начин и, секако, во согласност со принципите за колективна самоодбрана, што е принцип на меѓународното право“, изјави Баро за РМЦ и БФМ ТВ.

Тој нагласи дека Франција не е автоматски вклучена во конфликтот што беше предизвикан од израелските и американските напади врз Иран и последователниот одговор на Техеран.

Во врска со хангарот во француската база во ОАЕ погоден од беспилотно летало, Баро рече дека „не може со сигурност да се тврди дека Франција била експлицитно цел“.

„Ситуацијата е доволно сериозна за да не избрзуваме со заклучоци“, додаде тој.

Баро потврди дека француските борбени авиони „Рафал“, стационирани во ОАЕ, извршиле операции за обезбедување на воздушниот простор над француските објекти, нагласувајќи дека нивната мисија е „да ја гарантираат безбедноста на нашите инсталации“.

Тој посочи дека Франција има одбранбени договори со земји како ОАЕ, Катар и Кувајт, при што „размените се многу чести, на сите нивоа – дипломатски и воени“.

Според него, околу 400.000 француски државјани престојуваат во десетина земји погодени од кризата, вклучително и долгорочни резиденти и привремени посетители.

- „Напредното одвраќање“ на Макрон

Осврнувајќи се на нуклеарната политика, Баро го оцени последното обраќање на претседателот Емануел Макрон како „историски говор“ што означува „нов чекор во нашето одвраќање, кое е национално богатство и ќе остане независно и француско од почеток до крај“.

„Процената на нашите витални интереси му припаѓа исклучиво на претседателот на републиката“, рече тој.

Баро најави дека Франција ќе го „зајакне“ своето одвраќање преку зголемување на арсеналот, но и преку нови форми на соработка со европските партнери во рамки на концептот што Макрон го нарече „напредно одвраќање“.

„Можно е, на пример, нуклеарното оружје да биде лоцирано во Германија, или барем воените капацитети да бидат распределени на начин што ќе ги комплицира пресметките на потенцијален противник“, изјави Баро.

Сепак, тој нагласи дека крајната одлука ќе остане на Париз.

„Доколку еден ден Германија каже: ‘Под закана сме, мора да ја активираме бомбата’, ние сè уште би можеле да кажеме не“, рече тој, додавајќи дека претседателот суверено ќе одлучува дали виталните интереси на Франција се загрозени.

„Ова одвраќање ќе остане целосно финансирано од Франција“, додаде Баро.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.