УНРВА: Газа се соочува со сериозен недостиг на медицински материјали
„Само шест од 22 здравствени центри на УНРВА сѐ уште работат, поддржани од 37 медицински пункта сместени во и надвор од засолништата.“

АНКАРА (АА) - Газа се соочува со сериозен недостиг на медицински материјали и сè уште се функционални само шест од 22 здравствени центри под нејзино управување, при што продолжуваат израелските напади врз енклавата, предупредува Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), јавува Анадолу.
„Основните медицински материјали се критично намалени“, се наведува во соопштението на УНРВА.
„Само шест од 22 здравствени центри на УНРВА сѐ уште работат, поддржани од 37 медицински пункта сместени во и надвор од засолништата.“
Агенцијата информираше дека од почетокот на израелската офанзива во октомври 2023 година досега обезбедила повеќе од 8,5 милиони медицински консултации за жителите на Газа.
„Итно е потребен непречен пристап за доставување хуманитарна помош, вклучително и лекови и основни медицински средства“, додаде УНРВА.
Од 2 март Израел ги држи премините кон Газа затворени за храна, медицинска и хуманитарна помош, влошувајќи ја веќе тешката криза во енклавата.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, во која се убиени речиси 54.000 Палестинци, повеќето жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.