Муцунски: Северна Македонија посветена на зачувувањето на трајниот мир и стабилноста во регионот
Муцунски учествуваше и имаше свое обраќање на одбележувањето на 30-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, што се одржа во рамките на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон, САД

СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, рече дека земјата е посветена на зачувувањето на трајниот мир и стабилноста во регионот, пренесува Анадолу.
Муцунски учествуваше и имаше свое обраќање на одбележувањето на 30-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, што се одржа во рамките на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон, САД.
Во обраќањето на сесијата за унапредувањето на стабилноста на Западен Балкан, како и на завршната пленарна седница, Муцунски нагласи дека актуелните безбедносни закани бараат зајакнат пристап, ангажман и тешка, но неопходна соработка меѓу земјите од регионот и меѓународните партнери.
Тој посочи и дека брзата реализација на европските и евроатлантските интегративни процеси е суштинска за реформскиот напредок, стабилноста и отпорноста на земјите од регионот, како и за спречување на влијанијата што не се во интерес на демократијата.
Осврнувајќи се на значењето на Дејтонскиот договор, како документ што стави крај на еден од најтешките конфликти на Балканот, Муцунски повика 30-годишнината да се искористи како можност за фокус кон иднината – кон стабилност, економски напредок, социјална благосостојба и европска перспектива. Нагласи дека во услови на зголемени безбедносни закани, регионот мора да се насочи кон засилена координација и реализација на долгорочните цели за негово успешно вклучување во европските и евроатлантските структури.
Во рамките на активностите на Парламентарното собрание на НАТО, министерот Муцунски, заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и други лидери од регионот, присуствуваше на свечениот прием на место каде што беше потпишан Дејтонскиот договор – во воздухопловната база „Врајт-Патерсон“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.