Abdula Berisha
17 Октомври 2021•Ажурирај: 17 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Според податоците објавени на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија (ДИК) на Северна Македонија, од обработени 97,86 проценти од податоците, правото на глас до 13:00 часот го искористиле 367.446 граѓани или 20,58 проценти, јавува Агенција Анадолија (AA).
Вкупно 1.824.864 лица имаат право на глас на седмите локални избори, на вкупно 3.480 избирачки места низ целата земја, а гласањето продолжува до 19:00 часот.
Во меѓувреме, претседателот на ДИК, Александар Даштевски, на редовната прес-конференција информираше дека гласањето на локалните избори во најголем број избирачки места се одвива без пречки.
Тој нагласи дека досега до ДИК пристигнале 48 приговори за заштитата на избирачкото право, додавајќи дека на 11 избирачки места имало прекини повеќе од еден час и дека на овие избирачки места ќе се продолжи со гласање и по 19:00 часот.
Говорејќи за потешкотиите со опремата за идентификување отпечатоци од прсти на гласачите, што за првпат се користи на овие избори, Даштевски рече дека на 6 избирачки места се применува старата метода со употреба на спреј и УВ-ламба, додека на некои други избирачки места, техничките проблеми се надминати.
Првиот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржува во 80 општини и во Град Скопје, додека вториот круг е закажан за две недели подоцна, на 31 октомври.
На овие локални избори учествуваат вкупно 299 кандидати за градоначалници и 572 листи со вкупно 10.532 кандидати за членови на општинските совети, со мандат од четири години.