политика

ДИК: Гласањето во Северна Македонија во најголем дел се одвива непречено

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски, рече дека се појавиле потешкотии со опремата за идентификување отпечатоци од прсти на гласачите, што за првпат се користи на овие избори

Abdula Berisha  | 17.10.2021 - Обновена : 17.10.2021
ДИК: Гласањето во Северна Македонија во најголем дел се одвива непречено

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) на Северна Македонија, Александар Даштевски, информираше дека гласањето на локалните избори започнало навреме и дека процесот на гласање е во тек и „во најголем дел се одвива непречено“, пренесува Агенција Анадолија (AA).

Даштевски рече дека се појавиле потешкотии со опремата за идентификување отпечатоци од прсти на гласачите, што за првпат се користи на овие избори.

„Во одредени избирачки места, кои се во помал број, се појавија одредени потешкотии околу ракувањето со уредите. Дел од нив се веќе надминати, а дел тековно се отстрануваат со помош на техничките лица на самите избирачки места“, изјави Даштевски.

Тој, исто така, рече дека ДИК дала инструкции како да се постапува во случај уредот да не ги идентификува отпечатоците на гласачот, нагласувајќи дека правото на глас останува загарантирано.

Појасни дека во овој случај, избирачот ќе остави отпечатоци од прсти во посебна графа во Избирачкиот список и ќе се применува стариот метод со употреба на спреј и УВ-ламба.

Исто така, Даштевски рече дека во случај гласањето да биде прекинато на кое и да било избирачко место, времето може да се компензира по 19 часот, кога е планирано затворањето на избирачките места.

Денес во Северна Македонија се одржуваат седмите локални избори на коишто 1.824.864 лица до 19 часот вечерва ќе можат да го остварат своето право на глас во вкупно 3.480 избирачки места низ земјата.

Првиот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржува во 80 општини и во Град Скопје, додека вториот круг е закажан за две недели подоцна, на 31 октомври.

На овие локални избори учествуваат вкупно 299 кандидати за градоначалници и 572 листи со вкупно 10.532 кандидати за членови на општинските совети, со мандат од четири години.

Текот на гласањето на целата територија на Северна Македонија, како и во соодветните општини, можете да го следите на веб-страницата на ДИК: https://rezultati.sec.mk/mk/mayr/t2


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.