Abdula Berisha
17 Октомври 2021•Ажурирај: 17 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Според податоците објавени на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија (ДИК) на Северна Македонија, од обработени 96,01 процент од податоците, правото на глас до 15:00 часот го искористиле 551.945 граѓани или 31,5 проценти, јавува Агенција Анадолија (AA).
Вкупно 1.824.864 лица имаат право на глас на седмите локални избори, на вкупно 3.480 избирачки места низ целата земја, а гласањето продолжува до 19:00 часот.
Во меѓувреме, претседателот на ДИК, Александар Даштевски, на редовната прес-конференција информираше дека гласањето на овие локални избори се одвива побавно и дека на гласачките места се создаваат редици.
Како причина за ова, тој ги наведе потешкотиите со опремата за идентификување отпечатоци од прсти, што за првпат се користи на овие избори, нагласувајќи дека дел од отпечатоците од прсти обезбедени од Министерството за внатрешни работи се со слаб квалитет и нивната идентификација се одвива побавно.
Тој, исто така, рече дека со последните промени, Избирачкиот список сега содржи повеќе страници и пронаоѓањето на избирачите на списокот се одвива побавно, а додаде дека во создавањето редици придонеле и протоколите за заштита од Ковид-19, според кои на избирачкото место не треба да има повеќе гласачи отколку што има гласачки паравани.
Сепак, Даштевски ги увери сите граѓани дека гласањето ќе продолжи и по 19:00 часот за сите оние избирачи кои се пред избирачките места.
Првиот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржува во 80 општини и во Град Скопје, додека вториот круг е закажан за две недели подоцна, на 31 октомври.
На овие локални избори учествуваат вкупно 299 кандидати за градоначалници и 572 листи со вкупно 10.532 кандидати за членови на општинските совети, со мандат од четири години.
Во меѓувреме, процентот од излезноста на гласачите на целата територија на Северна Македонија, како и во одделните општини, можете да го следите на страната на ДИК: https://rezultati.sec.mk/mk/mayr/t2