Abdulbesar Ademi
17 Октомври 2021•Ажурирај: 17 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија на Северна Македонија соопшти дека од обработени 73,13 проценти од податоците, правото на глас на локалните избори во земјата до 17:00 часот го искористиле 41,38 отсто од гласачите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Вкупно 1.824.864 лица имаат право на глас на седмите локални избори, на вкупно 3.480 избирачки места низ целата земја, а гласањето продолжува до 19:00 часот. За прв пат на овие извори се употребува опремата за идентификување отпечатоци од прсти на гласачите.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, на редовната прес-конференција нагласи дека до ДИК стигнале информации дека во некои гласачки места не е извршен процесот на гласање со користење на оваа опрема, и дека овој начин на гласање е незаконски.
„Добивме информации дека некои членови на избирачки одбори престанале да гласаат со фингерпринт апаратите. Тоа се незаконски одлуки на тие лица. Сугерираме да продолжат да гласаат со апаратите, во спротивно, гласањето ќе мора да биде поништено, а лицата да бидат санкционирани“, истакна Даштевски.
Тој упати апел до претседателите на избирачките центри да се гласа само со уредите за идентификација на отпечатоци од прсти, и нагласи доколку е потребно, да се продолжи времетраењето на гласањето, но во ниту еден случај да не се избегнува користењето на оваа опрема.
Според него, ДИК донела одлука за продолжување на процесот на гласање без употреба на оваа опрема за идентификација на отпечатоци во само шест гласачки места.
Во текот на денот беше истакнато дека гласањето на овие локални избори се одвива побавно и дека на гласачките места се создаваат редици. Како причина за ова беа наведени потешкотиите со опремата за идентификување отпечатоци од прсти, што за првпат се користи на овие избори. Според надлежните, дел од отпечатоците од прсти обезбедени од Министерството за внатрешни работи се со слаб квалитет и нивната идентификација се одвива побавно.
Првиот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржува во 80 општини и во Град Скопје, додека вториот круг е закажан за две недели подоцна, на 31 октомври.
На овие локални избори учествуваат вкупно 299 кандидати за градоначалници и 572 листи со вкупно 10.532 кандидати за членови на општинските совети, со мандат од четири години.
Во меѓувреме, процентот од излезноста на гласачите на целата територија на Северна Македонија, како и во одделните општини, можете да го следите на страната на ДИК: https://rezultati.sec.mk/mk/mayr/t2