Abdulbesar Ademi
17 Октомври 2021•Ажурирај: 18 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Заврши процесот на гласање во првиот круг од локалните избори во Северна Македонија, на кои учествуваа вкупно 299 кандидати за градоначалници и 572 листи со вкупно 10.532 кандидати за членови на општинските совети, со мандат од четири години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Вкупно 1.824.864 лица имаа право на глас на седмите локални избори, на 3.480 избирачки места низ целата земја, додека според последните податоци на Државната изборна комисија (ДИК), од обработени 63,46 проценти од податоците, правото на глас на локалните избори во земјата до 18:30 часот го искористиле 49,55 отсто од гласачите, односно 573.774 гласачи.
Моментално, по 19:00 часот, гласаат само лица кои веќе чекале на ред во избирачките центри.
Процесот на гласање низ државата, според ДИК, се одвивал без пречки, но поради тоа што за прв пат на овие извори се употребува опремата за идентификување отпечатоци од прсти на гласачите, гласањето на овие локални избори се одвиваше побавно, поради создавањето редици на гласачките места.
Како причина за ова беа наведени потешкотиите со опремата за идентификување отпечатоци, што за првпат се користи на овие избори. Според надлежните, дел од отпечатоците обезбедени од Министерството за внатрешни работи се со слаб квалитет и нивната идентификација се одвива побавно.
ДИК претходно упати апел до претседателите на избирачките центри да се гласа само со уредите за идентификација на отпечатоци, нагласувајќи дека доколку е потребно, да се продолжи времетраењето на гласањето, но во ниту еден случај да не се избегнува користењето на оваа опрема.
Претседатеот на ДИК, Александар Даштевски, претходно истакна дека до ДИК стигнале информации дека на некои гласачки места не е извршен процесот на гласање со користење на оваа опрема, и дека овој начин на гласање е незаконски.
Првиот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржа во 80 општини и во Град Скопје, додека вториот круг е закажан по две недели, односно на 31 октомври.
Во меѓувреме, процентот од излезноста на гласачите на целата територија на Северна Македонија, како и во одделните општини, може да се следи на веб-страницата на ДИК: https://rezultati.sec.mk/mk/mayr/t2