политика

„Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање преговори за членство во ЕУ“

Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, цитирајќи го извештајот од Европската комисија, рече дека властите јавно ја покажале цврстата решеност да напредуваат по патот кон ЕУ

Abdula Berisha  | 20.10.2021 - Обновена : 21.10.2021
„Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање преговори за членство во ЕУ“ Фото: СЕП на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје, Дејвид Гир, заедно со вицепремиерот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Никола Димитров, на прес-конференција информираа за деталите од Извештајот на Европската комисија (ЕК) за Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Амбасадорот Гир рече дека примерок од извештајот составен од 113 страници им поднел на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, како и на премиерот Зоран Заев, додавајќи дека извештајот се однесува на временскиот период од есента 2020 година до летото 2021 година.

„Извештајот од ЕК вели дека Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање преговори за членство и властите јавно ја покажаа цврстата решеност да напредуваат по патот кон ЕУ. Важно е што има заклучок дека државата одржува постојан и решителен чекор во реформите и има повеќе напори за дополнителни опипливи резултати“, рече амбасадорот Гир.

Тој, исто така, порача дека треба да продолжи еланот во спроведувањето на реформите.

„Во однос на отворањето преговори за пристапување, комесарот и извештајот потврдуваат дека одложувањето на отпочнувањето на преговорите имаат негативно влијание врз кредибилитетот на ЕУ“, изјави амбасадорот Гир.

Тој додаде дека треба да се реши прашањето со Бугарија, која веќе некое време ја блокира Северна Македонија да ги започне пристапните преговори со ЕУ под изговор за „решавање на историски и јазични спорови“.

Вицепремиерот Никола Димитров изјави дека извештајот е објективна, сеопфатна и реална анализа на состојбите, но и референтна точка што ги диктира реформите од европската агенда.

„Ова е јасна и недвосмислена потврда дека во време на сериозни предизвици и во однос на фокусот во битката против пандемијата, но и во специфичните политички предизвици со кои се соочуваме, со посветеност и упорност успеавме да задржиме високо ниво на подготвеност за членство“, рече Димитров.

Тој, исто така, нагласи дека во однос на изминатиот извештај, задржано е темпото на напредок или има подобрување во 29 од вкупно 39 области, додека во останатите 10 области има помал напредок.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.