Балкан

Конституирањето на косовското Собрание не успеа по 22. пат

Пратениците по 22. пат не го поддржаа предлогот на најголемата партија, Движењето Самоопределување, за нејзиниот кандидат за претседател на косовското Собрание

Agim Sulaj  | 27.05.2025 - Обновена : 27.05.2025
Конституирањето на косовското Собрание не успеа по 22. пат Фото: Erkin Keçi/АА

ПРИШТИНА (АА) - Косовското Собрание не успеа да ги обезбеди потребните гласови од пратениците на деветтиот состав на законодавниот дом што треба да се конституира по изборите на 9 февруари годинава, јавува Анадолу.

Пратениците по 22. пат не го поддржаа предлогот на најголемата партија, Движењето Самоопределување, за нејзиниот кандидат за претседател на косовското Собрание.

Мнозинството парламентарни групи во косовското Собрание не го поддржаа формирањето комисија за тајно гласање за претседател на законодавниот дом, со тоа што не предложија свој член (пратеник) за оваа комисија.

Од 109 пратеници присутни во салата, само 54 гласаа „за“ формирање на оваа комисија за тајно гласање за претседател, еден беше „против“, а воздржани немаше.

„Седницата е прекината, се гледаме на 29 мај во 11:00 часот“, рече претседавачот со седницата, Авни Дехари.

Втората по големина партија, Демократската партија на Косово (ПДК), повтори дека Движењето Самоопределување треба да го смени својот кандидат за претседател на косовското Собрание за таа да го поддржи гласањето за претседател. Но од досегашните изјави за медиумите, вршителот на должноста премиер и лидер на Самоопределување, Албин Курти, вели дека нема збор за промена на кандидатот, обвинувајќи ја опозицијата за блокирање на конституирањето на Собранието.

Од потребните минимум 61 глас, кандидатката на Движењето Самоопределување, Албулена Хаџиу, досега доби не повеќе од 57 гласа за претседателка на косовското Собрание, од кои 48 се од Движењето Самоопределување и девет од пратеници што доаѓаат од заедниците. Првата конститутивна седница се одржа на 15 април.

На 15 мај лидерите на четирите албански парламентарни политички партии започнаа консултативни состаноци со претседателката Вјоса Османи, со цел што побрзо деблокирање и формирање на новите институции по изборите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.