свет

Палестинците се враќаат во центарот за хуманитарна помош еден ден откако десетици беа повредени во израелски оган

„Планот на израелската окупација за дистрибуција на помош во таканаречената тампон-зона е катастрофален неуспех“

Elena Trenchevska Chekovich  | 28.05.2025 - Обновена : 29.05.2025
Палестинците се враќаат во центарот за хуманитарна помош еден ден откако десетици беа повредени во израелски оган Фото: Hani Alshaer/АА

СКОПЈЕ (АА) - Толпи палестински цивили денес се собраа во објектот за дистрибуција на хуманитарна помош поддржан од Соединетите Американски Држави (САД), Хуманитарната фондација Газа, во јужниот град Рафа, јавува Анадолу.

Најмалку 47 лица беа повредени, повеќето од нив од истрели од огнено оружје на израелските сили, кога голем број Палестинци се упатија кон новоотворениот центар за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа, изјави денес официјалниот претставник на Обединетите нации за човекови права.

Аџит Сунгеј, раководител на Канцеларијата на ОН за човекови права на окупираните палестински територии, пред Здружението на акредитирани дописници (ACANU) на брифингот за медиуми во Обединетите нации во Женева рече дека „повеќето од повредените настрадале од истрели“ и дека тие повреди се „предизвикани од истрелан оган од ИДФ (израелската армија)“.

Вчера гладните жители на Газа се втурнаа кон објектот за дистрибуција на хуманитарна помош поддржан од САД, Хуманитарната фондација Газа, во Рафа, соопштија локалните власти.

„Планот на израелската окупација за дистрибуција на помош во таканаречената тампон-зона е катастрофален неуспех“, соопшти владината Канцеларија за медиуми на Газа.

Се вели дека израелските сили отвориле оган откако илјадници гладни Палестинци се нафрлиле кон објектот за дистрибуција на помошта.

Во меѓувреме, израелската војска соопшти дека воспоставила четири центри за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа, тврдејќи дека тие се управувани од меѓународни организации за хуманитарна помош под заштита на неименувана американска компанија за цивилна безбедност што работи во енклавата.

Центрите се формирани последните недели и „управувани се од меѓународни организации за помош и обезбедени од американска компанија за цивилна безбедност во Појасот Газа“.

Војската не ги наведе организациите за хуманитарна помош вклучени во операцијата.

Израел ги држи премините во Газа затворени за храна, медицинска и хуманитарна помош од 2 март, продлабочувајќи ја веќе тешката хуманитарна криза во енклавата, според владини, меѓународни и извештаи од организациите за човекови права.

Израелската армија, отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, во која се убиени над 54.000 Палестинци, повеќето жени и деца.

Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите воени злосторства против беспомошни цивили во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.