свет

ЕУ остро го осуди континуираното насилство на еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег

„Израел мора веднаш да преземе решителни чекори за да се справи со ова прашање и да се осигури дека сторителите на овие злосторства ќе бидат повикани на одговорност“

Necva Taştan Sevinç  | 28.05.2025 - Обновена : 29.05.2025
ЕУ остро го осуди континуираното насилство на еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег

ИСТАНБУЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) денес остро го осуди тековното насилство од израелските доселеници врз Палестинците на окупираниот Западен Брег повикувајќи ја израелската Влада да преземе „итни и решителни чекори“ за да ги прекине нападите и да обезбеди одговорност за сторителите, јавува Анадолу.

„ЕУ силно го осудува континуираното насилство од доселеници на окупираниот Западен Брег. Кампањите на заплашување, физички и вербални напади, како и уништувањето и палењето имот и домови доведуваат до раселување на цели палестински заедници“, се вели во изјавата на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.

„Израел мора веднаш да преземе решителни чекори за да се справи со ова прашање и да се осигури дека сторителите на овие злосторства ќе бидат повикани на одговорност“, рече Калас.

Таа ги осуди и инцидентите за време на одбележувањето на Денот на Ерусалим во Стар Град, особено заплашувањето и насилството врз жителите и новинарите.

„Провокативните постапки на израелски политички лидери во овој контекст ја поткопуваат специјалната состојба и карактерот на Ерусалим и неговиот Стар Град“, додаде Калас.

Во однос на Газа, Калас ја критикуваше израелската воена операција, нарекувајќи ја „непропорционална употреба на сила“ и осудувајќи ги жртвите меѓу цивилното население како „неприфатливи“.

„Израелската воена операција во Газа, непропорционалната употреба на сила и смртта на цивили не може да бидат толерирани“, се вели во соопштението, во кое дополнително се истакнува дека мора да престане целното уништување на цивилната инфраструктура.

Калас повика на враќање на прекинот на огнот, кој Израел го прекрши во март, како и на траен прекин на непријателствата преку преговори и ослободување на сите заложници.

„ЕУ повторува дека хуманитарната помош никогаш не смее да биде политизирана или милитаризирана“, додаде Калас, потсетувајќи на клучната улога на ОН во дистрибуцијата на хуманитарна помош.

ОН се дистанцираа од активностите на Фондацијата за хуманитарна помош Газа (GHF), која во понеделникот објави дека започнала со дистрибуција на помош во Појасот Газа, по повеќе од два месеца целосна израелска блокада.

Претходно Калас побара и ревизија на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел поради израелските дејства во Газа.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın