свет

Траумите на сириското семејство Китејш поради руските напади

„Спиевме безбедно. Во еден момент руски авион нѐ нападна. По нападот го слушнав викањето на мојот сопруг. Не успеав да ги слушнам гласовите на двете мои ќерки...“

Eşref Musa, Mehmet Burak Karacaoğlu, Ahmad Wais  | 31.03.2020 - Обновена : 01.04.2020
Траумите на сириското семејство Китејш поради руските напади

ИДЛИБ (АА) – Сириското семејство Китејш е само едно од семејствата чиј живот е загорчен од нападите на Русија, која го поддржува режимот на Башар ал Асад, пишува Агенција Анадолија (АА).

Семејството, раселено пред една година од селото Бама ет-Тама во Хама, се засолни во живинарска фарма во регионот Маритмисрин во Идлиб.

Но живинарската фарма беше цел на нападите на руските борбени авиони на 5 март, а во тој напад загинаа шест лица од семејството Китејш.

Мајката Хитам Китејш која има пет деца, во нападот ги загуби двете ќерки на 15 и 5-годишна возраст. Таа исто така погреба и четири свои роднини.

- Едно и полгодишната Мира ќе живее со траги од шрапнелите -

Мира, едно и полгодишното бебе на мајката Китејш, ќе живее со пукнатина во черепот и траги од шрапнел кои го погодија нејзиното тело.

По нападот семејството остана без својот дом, затоа се расели во мигрантските кампови во Атме, граничниот регион помеѓу Турција и Сирија.

Во својата изјава за дописникот на АА, Хитам Китејш раскажа за моментот на нападот и за тоа што проживеа по нападот.

„Спиевме безбедно. Во еден момент руски авион нѐ нападна. По нападот го слушнав викањето на мојот сопруг. Не успеав да ги слушнам гласовите на двете мои ќерки, сопругата на братот на маж ми, нејзината ќерка, свекорот и свекрвата. Сфатив дека загинале. Се надевам дека се шехиди“, рече мајката Хитам Китејш.

- „Знаев дека мојата 5-годишна ќерка е мртва“ -

Истакнувајќи дека покривот на живинарската фарма се срушил, Китејш раскажува:

„Колку што можам да се сетам, мојата 5-годишна ќерка беше со мене. Таа воопшто не се движеше. Разбрав дека е мртва. Го повлеков син ми. Можеше да се движи и излезе надвор. Врз нозете на моето бебе Мира имаше камења и таа плачеше.“

- „Дали моето едно и полгодишно бебе беше терорист?“ -

„Дали моето едно и полгодишно бебе беше терорист? Господ да ве казни“, праша мајката Китејш.

„Се надевам дека нашата ситуација ќе биде подобра. Сакаме да дојде мирот и војната да заврши. Сакаме да се ослободиме од оваа ситуација. Тука ни е потребно сѐ. По нападот не ни остана ништо.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın