Челникот на Претседателството на БиХ, Комшиќ, во Стејт департментот: САД незадоволни од постапките на Додик
„Ландау го изрази своето незадоволство од постапките на Милорад Додик, нагласувајќи дека нема поддршка од американската администрација за такви постапки. Беше оценето дека ваквите потези ја поткопуваат политичката стабилност...“
САРАЕВО (АА) - Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Жељко Комшиќ, во Вашингтон се сретна со заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Кристофер Ландау, а според соопштението од неговиот Кабинет, Ландау изразил незадоволство од постапките на Милорад Додик, пренесува Анадолу.
За време на состанокот се разговарало за актуелната политичка ситуација во Босна и Херцеговина, подобрувањето на економската соработка и прашањата за енергетската безбедност, се наведува во соопштението од Претседателството на БиХ.
„Ландау го изрази своето незадоволство од постапките на Милорад Додик, нагласувајќи дека нема поддршка од американската администрација за такви постапки. Беше оценето дека ваквите потези ја поткопуваат политичката стабилност, но и ги загрозуваат идните планови и економски проекти за кои американската страна изрази интерес и подготвеност за соработка“, соопшти Кабинетот на Комшиќ.
Посебно внимание му беше посветено на договорот меѓу босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска и канадска лобистичка фирма, вклучително и одредбата со која се бара застапување и поддршка за лобирање за независност на Република Српска (РС). Нагласено е дека таквиот пристап директно го поткопува Дејтонскиот мировен договор, како и мирот и стабилноста на Босна и Херцеговина.
Комшиќ го информираше Ландау дека министерот за надворешни работи на БиХ пратил писмо до американскиот државен секретар Марко Рубио и членовите на Советот за безбедност на Обединетите нации, предупредувајќи за последиците од спроните одредби поврзани со крајната цел на Додик - независност на РС.
Комшиќ се осврнал и на неодамнешните изјави на Додик, оценувајќи ги како шовинистички и исламофобични.
Соговорниците се согласиле дека стабилноста, економскиот развој и спроведувањето на инфраструктурните проекти се клучни за долгорочниот напредок на Босна и Херцеговина и дека економскиот просперитет придонесува за создавање позитивен политички и општествен амбиент.
Во овој контекст, потврдена е јасната посветеност на Соединетите Американски Држави да продолжат со својот силен ангажман со Босна и Херцеговина.
Комшиќ изразил силна поддршка за проектот Јужна интерконекција, нагласувајќи ја важноста на договорот меѓу Босна и Херцеговина и Република Хрватска и потребата од итна имплементација на овој проект во интерес на енергетската безбедност и економскиот развој на земјата.
Заклучено е дека континуираната соработка на проекти што го поттикнуваат економскиот напредок претставува важна основа за стабилноста и просперитетот на Босна и Херцеговина.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
