Пропалестински демонстранти се собраа во Рим барајќи прекин на израелската блокада на Газа
Протестот ја осуди употребата на гладот како оружје против цивилното население во Газа. Демонстрантите, исто така, го критикуваа градскиот совет на Рим за молкот и повикаа на прекин на економската соработка со Израел

СКОПЈЕ (АА) - Пропалестински демонстранти организираа конвој низ центарот на италијанската метропола Рим барајќи крај на израелската блокада на Газа, јавува Анадолу.
Стотици учесници тргнаа од седиштето на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), веејќи палестински знамиња, свирејќи протестно и удирајќи во тенџериња и тави додека се движеа низ градот на автомобили, мотоцикли и велосипеди.
Протестот ја осуди употребата на гладот како оружје против цивилното население во Газа. Демонстрантите, исто така, го критикуваа градскиот совет на Рим за молкот и повикаа на прекин на економската соработка со Израел.
Израелската армија, отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, спроведува брутална офанзива во Газа од 7 октомври 2023 година, во која се убиени повеќе од 60.000 Палестинци. Немилосрдното бомбардирање ја опустоши енклавата и доведе до недостиг на храна.
Во понеделникот израелските групи за човекови права „Б’Тселем“ и „Лекари за човекови права“ го обвинија Израел за геноцид во Газа, наведувајќи го систематското уништување на палестинското општество и на здравствениот систем на територијата.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.