Балкан

Муртезани по средбата со ирскиот колега: Не постои стабилна Европа без интеграција на Западен Балкан

- Муртезани рече дека денешната средба е природно продолжение на разговорите што се одржаа пред еден месец во Даблин, во духот на „партнерство, разбирање и силна заедничка определба за обединета иднина на Европа“.

Shpetim Hiseni  | 30.07.2025 - Обновена : 31.07.2025
 Муртезани по средбата со ирскиот колега: Не постои стабилна Европа без интеграција на Западен Балкан

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, денес во Скопје се сретна со ирскиот министер за европски прашања и одбрана, Томас Бирн, јавува Анадолу.

На заедничката прес-конференција по средбата Муртезани рече дека денешната средба е природно продолжение на разговорите што се одржаа пред еден месец во Даблин, во духот на „партнерство, разбирање и силна заедничка определба за обединета иднина на Европа“.

„Нашите заеднички ставови и пораки остануваат исти. Проширувањето на Европската Унија е прашање на заедничка безбедност, стабилност и визија. Не постои стабилна Европа без интеграција на Западен Балкан, не постои вистинска унија без обединета политика кон соседството“, рече Муртезани.

Тој рече дека Северна Македонија останува посветена на овој пат со реформи, конкретни резултати и отворен дијалог, додавајќи дека секоја земја кандидат треба да се вреднува според нејзините заслуги, а не да биде заложник на билатерални прашања и политички блокади.

Муртезани рече дека Ирска, како членка на ЕУ, е глас на разумот и правичноста кога станува збор за процесот на проширување, истовремено ценејќи ја поддршката од Ирска, додавајќи дека веруваат оти претседателството на Ирска со Советот на ЕУ во 2026 година ќе биде дополнителна можност за продлабочување на европската перспектива на регионот.

Ирскиот министер Бирн рече дека постојат одлични билатерални односи меѓу двете земји и дека во последните години имало добри ангажмани на високо ниво.

Тој нагласи дека за време на претседателството на земјата со Советот на ЕУ важен приоритет ќе биде процесот на проширување.

„Проширувањето на ЕУ ќе биде значаен приоритет за нас. Тоа значи процесот на проширување да стане реален, да се убедат сите граѓани, без разлика дали се наши или на земјите членки на ЕУ, за вистинските придобивки од проширувањето“, рече Бирн, додавајќи дека Ирска отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на ЕУ.


- Хуманитарна криза во Газа

На сесијата со прашања, министрите беа прашани за хуманитарната криза во Појасот Газа, поточно дали Ирска за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ ќе преземе иницијатива за признавање на државата Палестина како заедничка надворешна политика на ЕУ и дали прашањето за Газа е дискутирано и со министерот Муртезани.

Бирн рече дека ситуацијата во Газа е неподнослива и катастрофална и потребна е итна хуманитарна помош.

Тој потсети дека Ирска, заедно со Шпанија и Норвешка, ја признаа Палестина пред повеќе од една година и рече дека предноста на ЕУ треба да се искористи за да се убедат другите земји дека она што се случува таму е толку лошо што е неопходно итно да се дејствува.

„Она што сакаме да го видиме се две држави, Израел и Палестина, кои живеат една до друга во мир и безбедност. Тоа беше нашата амбиција за регионот и тоа е едноставна амбиција што сме продолжиле да ја следиме“, рече Бирн.

Муртезани рече дека целиот свет се мобилизира бидејќи ситуацијата во Газа е алармантна и дека земјата, „колку и да е мала“, не може да биде имуна на таков тренд.

„Особено ако тоа прерасне во заедничка безбедносна и надворешна политика на ЕУ, ние, како 100 проценти усогласени на таа политика, ќе мора да го следиме тој чекор“, рече Муртезани.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.